Куманово

Приведена сопругата на Шаини, се трага по извршувачот

08.10.2025 16:46

Продолжува истрагата за ранетиот доктор Шаини, носител на советничката листа од коалицијата Национална алијанса за интеграции. Приведени неколку лица, осомничена и сопругата на Шаини. Но извршувачот сè уште е во бегство. Во него беше пукано вчера во центарот во Куманово. Тој е во стабилна состојба и ќе биде пуштен на домашно лекување.

Приведена сопругата на пулмологот и носител на советничката листа на Националната алијанса за интеграција во Липково, Зекирија Шаини. На службен разговор во кумановската полиција се повикани и уште други шест лица. Против сопругата на лекарот кој заврши со прострелни рани, по напад од маскирано лице, во центарот на Куманово, ќе следува и соодветна пријава. 36-годишно лице од Гостивар, се сомничи за обид за убиство. Но тој сè уште е во бегство, информира полицијата. Од институциите најавуваат целосно расчистување на случајот. Шаини е во стабилна здравствена состојба.

„Пациентот 43-годишен којшто вчера беше примен со прострелни повреди, пренесен од кумановската болница, извршено е оперативно лекување. Се наоѓа во добра општа состојба и денес ќе биде пуштен на домашно лекување“, нагласи Игор Мерџановски, директор на „ТОАРИЛУЦ“.

Партиите го осудија нападот. ДУИ бара итно расчистување, укажувајќи одолговлекувањето би имало сериозни последици.

„Овој случај не смее и не може да остане без епилог, а истиот мора да се заснова на факти. Секое молчење или институционално одолговлекување би претставувало сериозна неодговорност и директен ризик за безбедноста во државата“, рече потпретседателот на ДУИ, Адеми.

Повикуваа случајот да не злоупотребува за политички цели.

Елена Георгиевска