Израел и Хамас постигнаа договор за првата фаза од мировниот план за Газа
Израел и Хамас се договориле за првата фаза од мировниот план посредуван од САД. Договорот вклучува прекин на огнот, размена на заложници и повлекување на израелски сили. Жителите излегуваат на улиците во еуфорија. Шефот на Белата куќа најави дека викендов ќе отпатува во регионот…

Израел и Хамас постигнаа договор за првата фаза од мировниот план на Трамп-ослободување на сите заложници и прекин на огнот во Газа. Шефот на Белата куќа ја потврди веста, најавувајќи дека викендов ќе отпатува во регионот.
„Многу сум горд што можам да објавам дека и Израел и Хамас ја прифатија Првата фаза од нашиот план за мир. Ова значи дека сите заложници ќе бидат ослободени многу скоро, а Израел ќе ги повлече своите трупи до договорена линија како први чекори кон Силен, Траен и Вечен Мир“ – напиша Трамп на социјалните мрежи.
Примирјето во Газа стапува во сила денеска, а се очекува сите заложници на Хамас, вклучувајќи ги и телата на загинатите, в понеделник да им бидат предадени на семејствата. Нетанјаху го поздрави договорот нарекувајќи го голем ден за Израел.
„Ова е дипломатски успех и национална и морална победа за Државата Израел. Преку непоколеблива решителност, моќна воена акција и големите напори на нашиот голем пријател и сојузник- претседателот Трамп, стигнавме до оваа критична пресвртница“, нагласи Нетанјаху.
Семејствата на киднапираните слават во Тел Авив. Со извици на радост и среќа веста дочекана и во Појасот Газа.
„Ви благодарам претседателе Трамп. Ви благодарам на сите што помогнавте моето момче и сите заложници да се вратат дома. Нема да застанеме додека последниот заложник не се врати во Израел“, изјави Еинав Зангаукер, мајка на заложник.
Реакции за пробивот во преговорите пристигнаа и од меѓународната заедница. Ова е момент на длабоко олеснување што ќе се почувствува низ целиот свет-истакна британскиот премиер Кир Стармер. Од ОН со апел сите страни да го почитуваат договореното.
„Овој договор е значаен чекор напред кон деескалација на ситуацијата и реализација на решението за две држави. Бараме искрена и стабилна имплементација од страна на сите релевантни страни“, изјави Јошимаса Хајаши, главен секретар на кабинетот на Јапонија.
„Ги повикувам сите засегнати страни да ја искористат оваа значајна можност за воспоставување веродостоен политички пат кон завршување на окупацијата, признавање на правото на самоопределување на палестинскиот народ, што ќе доведе до решение со две држави, за да можат и Израелците и Палестинците да живеат во мир и безбедност“-напиша Гутереш на социјалните мрежи.
И покрај надежите дека ова би можело да доведе до крај на војната, клучните детали сè уште треба да се дискутираат. Израелските одбранбени сили велат дека северна Газа е сè уште активна борбена зона и ги предупредуваат жителите да не се враќаат. Пробивот во Египет доаѓа два дена по двегодишнината од војната меѓу Израел и Хамас.
Бојана Крстевски
