Локални избори 2025

СДСМ и коалицијата ја претставија програмата пред прилепчани

09.10.2025 16:44

Изборниот караван на СДСМ и коалицијата ја претстави изборната програма пред прилепчани како и листата за советници и кандидатката за градоначалник, Петра Лукартоска. Претседателот на партијата, Венко Филипче, рече дека оваа земја заслужува јасен пат, стабилност и достоинство и политичари кои ќе решаваат проблеми...

Оваа земја заслужува јасен пат, стабилност и достоинство. Заслужува политичари кои ќе решаваат проблеми, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче пред прилепчани, барајќи ја довербата од прилепчани на 19-ти октомври.

Претседателот на СДСМ рече дека не ветуваат дека повеќе ќе ја сакаат државата, туку покажуваат дека се грижат подобро. Филипче со критики до актуелната власт која не направила ништо за земјоделците – тутунарите, лозарите оризопроизводителите кои не ги добиваат субвенциите зашто власта ги фаворизирала компаниите, а не поединците земјоделци.

Венко Филипче упати и критики до досегашната локална власт која Прилеп го оставила во хаос и понуди чесни луѓе од СДСМ кои ќе го водат градот. Нема да дебатира со, како што рече Филипче, оние кои ја предале социјалдемократската идеја за власт, туку повикува на дебати со граѓаните.

За Прилеп се бориме со идеи. Нашата програма не е список на желби, туку секој проект има цел, рече пред прилепчани кандидатката на СДСМ и коалицијата за градоначалник на Прилеп, Петра Лукароска. Лукароска нагласи дека е жена која верува во фер шанса. Градоначалничката функција ја разбира како теренска, а не канцелариска, со воспоставување контакти и соработка со невладиниот, стопанскиот сектор. Нејзината програма се потпира на столбови кои ги опфаќаат сите развојни фази на Прилеп: Две паркинг-платформи над градската река за нови 100 паркинг места, рекреативен проект „Топташ скајлајн“, младински центар, три нови велосипедски патеки, фотоволтаици на општинските објекти, реконструкција на старата чаршија, два кружни тека за решавање на сообраќајните проблеми се само дел од проектите.

Пред прилепчани беа претставени и кандидатите за советници и носителката на советничката листа за Прилеп, Драгица Николоска.

Елизабета Митреска