Блиски Исток

Израел и Хамас договорија прекин на огнот и размена на заложници

09.10.2025 11:37

Израел и Хамас се договориле за првата фаза од мировниот план посредуван од САД. Договорот вклучува прекин на огнот, размена на заложници и повлекување на израелски сили. Жителите излегуваат на улиците во еуфорија. Шефот на Белата куќа најави дека викендов ќе отпатува во регионот...

Израел и Хамас постигнаа договор за првата фаза од мировниот план на Трамп-ослободување на сите заложници и прекин на огнот во Газа. Шефот на Белата куќа ја потврди веста на социјалните мрежи, најавувајќи дека викендов ќе отпатува во регионот.

„Многу сум горд што можам да објавам дека и Израел и Хамас ја прифатија Првата фаза од нашиот план за мир. Ова значи дека СИТЕ заложници ќе бидат ослободени многу скоро, а Израел ќе ги повлече своите трупи до договорена линија како први чекори кон Силен, Траен и Вечен Мир.“ - стои во изјавата на Доналд Трамп.

Примирјето во Газа стапува во сила денеска, а се очекува сите заложници на Хамас, вклучувајќи ги и телата на загинатите, в понеделник да им бидат предадени на семејствата. Нетанјаху го поздрави договорот нарекувајќи го голем ден за Израел.

„Со одобрувањето на првата фаза од планот, сите наши заложници ќе бидат вратени дома. Ова е дипломатски успех и национална и морална победа за Државата Израел. Ова е дипломатски успех и национална и морална победа за Државата Израел“-стои во објавата на Нетанјаху.

Семејствата на киднапираните слават во Тел Авив.

„Ви благодарам претседателе Трамп. Ви благодарам на сите што помогнавте моето момче и сите заложници да се вратат дома. Нема да застанеме додека последниот заложник не се врати во Израел“, изјави Еинав Зангаукер – мајка на заложник.

Со извици на радост и среќа веста дочекана и во Појасот Газа.

„Ова радост што треба да се запише во историјата, денот што го чекавме, ден на олеснување“, изјави Ала Абд Рабо -раселен Палестинец.

Реакции за пробивот во преговорите пристигнаа и од меѓународната заедница. Ова е момент на длабоко олеснување што ќе се почувствува низ целиот свет-истакна британскиот премиер Кир Стармер.

„Изминатите две години беа полни со темни денови, денес гледаме зрак светлина. Светот има причина за вистинска надеж“, изјави Ентони Албанезе – премиер на Австралија.

„Овој договор е значаен чекор напред кон деескалација на ситуацијата и реализација на решението за две држави“, рече Јошимаса Хајаши – главен секретар на кабинетот на Јапонија.

Од ОН со апел сите страни да го почитуваат договореното.

„Ги повикувам сите засегнати страни да ја искористат оваа значајна можност за воспоставување веродостоен политички пат кон завршување на окупацијата, признавање на правото на самоопределување на палестинскиот народ, што ќе доведе до решение со две држави, за да можат и Израелците и Палестинците да живеат во мир и безбедност.“ - напиша Гутереш на социјалните мрежи.

И покрај надежите дека ова би можело да доведе до крај на двегодишната војна, клучните детали сè уште треба да се дискутираат. Израелските одбранбени сили велат дека северна Газа е сè уште активна борбена зона и ги предупредуваат жителите да не се враќаат.

Бојана Крстевски