Култура

Концерт на млади композитори на 48-ми Денови на македонска музика

09.10.2025 18:31

Фестивалот „Денови на македонска музика“ е клучна платформа за развојот на новите генерации музички автори – простор кој им нуди можност на младите композиторски надежи да го претстават своето творештво пред јавноста, а на публиката и музичката критика да добијат јасна слика за насоките и правците во кои тоа се развива.

Во недела од 20 часот во Национална опера и балет, во рамките на годинашното фестивалско издание на Денови на македонска музика, на сцената ќе прозвучат новите композиции на младите автори и студенти по композиција Сара Сиљановска, Лука Јанкуловски, Бојан Димитровски, Никола Ѓорѓиев и Зоран Трајчески, изведени од нивните колеги – студентите по музика.

Фестивалот „Денови на македонска музика“ е клучна платформа за развојот на новите генерации музички автори – простор кој им нуди можност на младите композиторски надежи да го претстават своето творештво пред јавноста, а на публиката и музичката критика да добијат јасна слика за насоките и правците во кои тоа се развива.

„Како особена новост, која го насочува погледот кон иднината на македонското творештво, е враќањето на сцената на Концертот на млади композитори по пауза од речиси десет години. Оваа програмска одлука го потврдува фестивалот не само како чувар на наследството, туку и како активен двигател на новата музичка мисла“, истакнува уметничкиот директор на фестивалот, композиторот Филип Иванов.

Преку оваа можност за изведба на делата на младите автори, ДММ не само што игра клучна улога во развојот на новото македонско музичко творештво, туку и создава мост помеѓу традицијата и иднината.

Влезот на концертот е слободен.