Блиски Исток

Челниците на ЕУ го поздравија договорот за Газа

09.10.2025 15:37

Израел и Хамас постигнаа договор за првата фаза од мировниот план на Трамп – ослободување на сите заложници во замена за затвореници, повлекување на израелските сили и влез на помош во Газа. Шефот на Белата куќа најави дека викендов ќе отпатува во регионот. Брисел ги пофали дипломатските напори, Франција подготвена да придонесе кон мирот, Турција задоволна...

Израел и Хамас постигнаа договор за првата фаза од мировниот план на Трамп – ослободување на сите заложници во замена за затвореници, повлекување на израелските сили и влез на помош во Газа. Шефот на Белата куќа најави дека викендов ќе отпатува во регионот.

„Многу сум горд што можам да објавам дека и Израел и Хамас ја прифатија првата фаза од нашиот план за мир. Ова значи дека сите заложници ќе бидат ослободени многу скоро, а Израел ќе ги повлече своите трупи до договорена линија како први чекори кон силен, траен и вечен Мир“, стои во објавата на Трамп.

Израелската треба и формално да го одобри договорот со Хамас, по што прекинот на огнот во Газа ќе стапи веднаш во сила. Сите заложници, вклучувајќи ги и телата на загинатите се очекува да им бидат вратени на семејствата в понеделник. Премиерот Нетанјаху договорот го нарече „голем ден за Израел“.

„Со одобрувањето на првата фаза од планот, сите наши заложници ќе бидат вратени дома. Ова е дипломатски успех и национална и морална победа за државата Израел“, се наведува во објавата на Нетанјаху.

Славје и во Израел и во Газа.

„Ви благодарам претседателе Трамп. Ви благодарам на сите што помогнавте моето момче и сите заложници да се вратат дома“, изјави Еинав Зангаукер, мајка на заложник.

„Ова е радост што треба да се запише во историјата, денот што го чекавме, ден на олеснување“, рече Ала Абд Рабо, раселен Палестинец.

Брисел ги пофали дипломатските напори, Франција подготвена да придонесе кон мирот, Турција задоволна. ОН со апел сите страни да го почитуваат договореното.

„Ова е момент на длабоко олеснување што ќе се почувствува низ целиот свет“, изјави Кир Стармер, премиер на Велика Британија.

„Развојот на настаните во Израел ни дава причина за оптимизам“, истакна Фридрих Мерц, канцелар на Германија.

„Изминатите две години беа полни со темни денови, денес гледаме зрак светлина. Светот има причина за вистинска надеж“, рече Ентони Албанезе, премиер на Австралија.

И покрај надежите дека ова би можело да доведе до крај на двегодишната војна, клучните детали сè уште треба да се дискутираат. Израелските одбранбени сили велат дека северна Газа е сè уште активна борбена зона и ги предупредуваат жителите да не се враќаат.

Бојана Крстевски