Се помлади жени заболуваат од карцином на дојка
Се пониска е старосната граница на заболени од карцином на дојка. Лекарите препорачуваат редовни контроли, национална скрининг стратегија и лекарски преглед за секоја промена на градите. Најчести ризик фактори за рак на дојка се стресот и позитивната семејна анамнеза.

Опаѓа старосната граница на жени со карцином на дојка во источниот регион. Ако во минатото најмладите пациентки беа на возраст од 45 до 50 години, сега ова заболување се појавува и кај жени од 25 години. Еден процент од заболените се мажи.
„Раното дијагностицирање дава најдобри резултати во лекувањето, но контролите треба да бидат темелни“, вели д-р Габриела Димова, специјалист радиолог во КБ Штип.
Превентивните ехо контроли се препорачуваат после 20-тата година. Посебно внимателни треба да се жените и девојките со генетски предиспозиции за ова заболување.
„Телото зборува, умот страда, ајде да слушаме“, беше мото на академскиот семинар во организација на студентската медицинска асоцијација.
Лекарите препорачуваат национална скрининг стратегија за рано откривање на болеста, но и програма за рехабилитација на пациентките.
Славица Величковска
