Мицкоски од Карпош со порака за силна и бескомпромисна борба со криминалот и корупцијата
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски од Карпош со порака за силна и бескомпромисна борба со криминалот и корупцијата. Кандидатот за градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски потенцира дека со поддршка од Владата се инвестира за развој на општините. Побара поддршка за победа уште во првиот круг. Кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, Лукровски со ветување дека Карпош ќе стане зелена општина, со реновирани паркови, нови паркинзи и катни гаражи со соларни панели…

Силна и одлучна борба против корупцијата, најави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски на митингот во Карпош. Акциите ќе се фокусираат на раководни лица кои сториле криминал. „Секој што ќе прави опструкции или ќе отежнува значи дека е сојузник на криминалот и ќе се справиме и со него и со таа длабока држава на испреплетени криминалци и политичари“, вели Мицкоски, кој најави силен удар врз организираниот криминал, особено врз криминалот на оние, како што рече, со бели крагњи и кошули, заради чие богатство и измами државата е послаба, а народот посиромашен.
„Не се можни брзи промени преку ноќ, тоа е вистината и секој кој е свесен и знае што наследивме ќе се согласи со тоа. Но, тоа истовремено не е алиби, туку мотив да направиме промени и да ги изградиме делата чии темели се веќе поставени“, изјави Мицкоски пред карпошани.
„Со силна поддршка од Владата, ќе успееме за четири години целосно да го обновиме овој руиниран систем во кој живееме денес“, рече Орце Ѓорѓиевски, кандидат за градоначалник на Скопје. Пред граѓаните во Карпош, тој вети дека шест месеци од назначувањето како градоначалник на Град Скопје ќе се реши мостот на Љубљанска и конечно ќе биде ставен во функција, како и решавањето на клучката Момин Поток, која ќе биде довршена. Ѓорѓиевски најави мега парк кај Лепенец, каде сите карпошани ќе може да рекреираат со нивните семејства. Горѓиевски рече и дека во наредните четири години, паркинзите ќе бидат целосно реорганизирани, ќе се воведе зонско паркирање и ќе се направат нови монтажни гаражи.
„Ќе ја вратиме општината во рацете на граѓаните. Нема повеќе затворени врати. Нема повеќе политика на поединци. Секој ден ќе сум со вас, на терен меѓу луѓето, меѓу народот, меѓу граѓаните на Општина Карпош“ вети кандидатот за градоначалник на оваа општина, Сотир Лукровски.
Лукровски рече дека локалната самоуправа нема да биде сама во реализирањето на плановите за развој, бидејќи со поддршка од централната власт ќе се реализираат големи инвестиции и капитални проекти. Неговата визија е Карпош кој ќе одговори на современите стандарди на живеење. Лукровски најави поддршка за пензионерите, како и за лицата со попреченост.
„Нашите маала ќе оживеат со концерти, улични настани и уметност“, рече кандидатот за градоначалник од ВМРО – ДПМНЕ во Општина Карпош.
Ана Јосифоска
