Македонија

Уапсен сопственикот на „Марковски Компани“, осомничен е за местење тендер од 1,6 милиони евра

09.10.2025 14:34

Компанијата на Марковски, која повеќе од две децении работи во градежниот сектор, стана најпозната по милионските договори со РЕК Битола, најголемиот енергетски капацитет во државата.

Уапсен е битолскиот бизнисмен Борче Марковски, сопственик на „Марковски компани“, пренесуваат повеќе медиуми. Финансиската полиција го сомничи за местење тендер вреден околу 1,6 милиони евра.

Компанијата на Марковски, која повеќе од две децении работи во градежниот сектор, стана најпозната по милионските договори со РЕК Битола, најголемиот енергетски капацитет во државата.

Во јавноста „Марковски компани“ беше поврзувана со контроверзни договори за изнајмување булдожери и ископ на јаглен, кои ѝ носеле на фирмата десетици илјади евра дневно. Се шпекулира дека за две години преку државни тендери заработила околу 200 милиони евра.

Фирмата е основана во 2002 година и денес има над 300 вработени. Во 2024 година остварила приходи од речиси 2,8 милијарди денари, што ја вбројува меѓу најголемите градежни компании во земјава.

Во врска со информациите во медиумите за апсењето поврзано со сопственикот на „Марковски Компани“, од ЕСМ соопштуваат дека ниту еден член од тековното раководство на РЕК Битола не е приведен, ниту инволвиран во тековната постапка.

Приведените лица се дел од поранешното раководство на РЕК Битола, а постапката што ја водат надлежните органи се однесува на дејствија и одлуки донесени во претходниот период, пред сегашното раководство да ја преземе функцијата.