Светските лидери го поздравуваат договорот за Газа, Израелците и Палестинците слават
Шефот на Белата куќа најави дека викендов ќе отпатува во регионот. Премиерот Нетанјаху договорот го нарече „голем ден за Израел“. Меѓународната заедница ги поздрави дипломатските напори. Апел, страните да го почитуваат договореното...

Израел и Хамас се договорија за првата фаза од мировниот план на Трамп – ослободување на сите заложници во замена за затвореници, повлекување на израелските сили и влез на помош во Газа.
„Многу сум горд што можам да објавам дека и Израел и Хамас ја прифатија првата фаза од нашиот план за мир. Ова значи дека сите заложници ќе бидат ослободени многу скоро, а Израел ќе ги повлече своите трупи до договорена линија како први чекори кон силен, траен и вечен Мир“, соопшти Трамп.
Шефот на Белата куќа најави дека викендов ќе отпатува во регионот. Премиерот Нетанјаху договорот го нарече „голем ден за Израел“. Прекинот во Газа стапува во сила 24 часа по одобрување на договорот од израелскиот кабинет.
„Сите наши заложници, живи и починати, ќе бидат ослободени 72 часа подоцна, во понеделник. Израел се подготвува да ги прими заложниците во состојбата во која се“, изјави Шош Бедросијан, портпаролка на израелската влада.
И во Израел и во Газа задоволни од постигнатото.
„Едвај чекаме заложниците да дојдат тука. Толку сме возбудени, плачевме цело утро. Поминаа две години откако сме во ужас, и ова е прекрасен ден, благодарение на Трамп и Нетанјаху“, изјави жителка на Ерусалим.
„Конечно војната ќе престане и крвопролевањето ќе заврши. Огромна среќа и неописливо чувство“, изјави раселен Палестинец.
Меѓународната заедница ги поздрави дипломатските напори, апел, страните да го почитуваат договореното.
„Ова е момент на длабоко олеснување што ќе се почувствува низ целиот свет“, изјави Кир Стармер, премиер на Велика Британија.
„Развојот на настаните во Израел ни дава причина за оптимизам“, изјави Фридрих Мерц, канцелар на Германија.
„Имаме сериозна загриженост во врска со овој план и неговите последици. Одлуката за судбината на Палестина мора да ја донесе палестинскиот народ, без надворешен притисок или мешање“, изјави Исмаил
Багаеи, портпарол на МНР на Иран.
И покрај надежите за крај на двегодишната војна, израелските одбранбени сили велат дека северна Газа е сè уште активна борбена зона, ги предупредија жителите да не се враќаат.
Маријана Димовска
