Обвинителство

Осум физички и едно правно лице под истрага за злоупотреби во РЕК Битола, се сомничат за проневера од 1,7 милиони евра

09.10.2025 19:19

Основното јавно обвинителство Битола донесе Наредба за спроведување истражна постапка против осум физички и едно правно лице за продолжени кривични дела поврзани со јавни набавки во РЕК Битола...

Погониските станици демонтирани од рудникот Осломеј, пренесени во РЕК Битола – никогаш не биле ставени во функција. За работата што не е завршена, државата платила 1,7 милиони евра. Обвинителството отвори истрага за осуммина. Во заедничката акција со Финансиската полиција е уапсен и бизнисменот чија компанија го добила тендерот, како и петмина поранешни директори и раководители на електраната. Шест се приведени, а присуството на двајца е обезбедено во рамки на друг случај.

„Сопственикот/управител и уште едно лице вработено во компанијата се сомничат дека иако биле свесни дека работите не се извршени, доставувале фактури врз основа на кои од РЕК Битола незаконито наплатиле 106,2 милиони денари со што сториле продолжено кривично дело – Злоупотреба на постапката за јавен повик и јавно – приватно партнерство“, се вели во соопштението од Управата за финансиска полиција.

Договорот опфаќал демонтажа, транспорт и монтажа на ленти за пренос на ископ – но последниот чекор не бил реализиран.

„Свесно ги повредиле основните начела за економичност, ефикасност и ефективност од Законот за јавни набавки, бидејќи знаеле дека за транспортот на јаглен во рудникот Живојно до местото за дробење и до Брод-Гнеотино, не е предвидена метода со континуирана технологија (роторни багери и транспортни ленти), туку метода на дисконтинуирана технологија (булдожери, багери и камиони)“, се вели во соопштението од Јавно обвинителство – Битола.

Ова е втор случај годинава што го тресе енергетскиот сектор – по обвинението за „Адитив“, со штета проценета на повеќе од 6 милиони евра.

Анита Димитријевска – Велковска