Охридско - холандска љубовна приказна
37 години откако го кажала судбоносното „да“ на брегот од Охридското езеро, холанѓанката Марјолеин Де Гроен го изненади својот сопруг Адријанус со патување во Охрид, каде што ја прославија годишнината од нивниот заеднички живот. Романтичната приказна за оваа брачна двојка ја подготви нашата охридска екипа.

На оваа иста маса,на терасата на хотелот „Инекс-Горица“ пред точно 37 години Адријанус ја побарал раката на својата животна сопатничка Марјолеин. Љубовната приказна на тогаш младата холандска двојка сеуште трае и нивните срца чукаат во ист ритам, иако од тој миг поминаа скоро четири децении. Охрид е град кој памети многу љубови, а оваа е една од оние што се нарекуваат ВЕЧНОСТ. Таа ги доведе по 5-ти пат на брегот од Охридското Езеро,каде што слушајќи го заплискувањето на брановите се сеќаваат на еден од најубавите мигови во своите животи.
„Многу е романтично,а погледот е прекрасен.Поради тоа сакав да го изненадам сопругот и да ја прославиме нашата 37-годишнина од бракот токму на ова место.Тоа беше изненадување“, вели Марјолеин Де Гроен-туристка од Холандија
Охриѓани и овојпат се покажаа како добри домаќини. Им приредија романтична вечера на славениците.
„За насе комплимент што одлучија токму кај нас да ја прослават 37-годишнината,а ние по тој повод им приредивме една прекрасна и незаборавна вечер“, рече Елена Ристовска од Хотел „Инекс-Горица“.
Адријанус и Марјолеин се воодушевени од убавините на Охрид и на Македонија, од нивната волшебна привлечност. Но многу се задоволни и од љубезноста на домаќините.
„Македонија е магична земја.Сме патувале во многу земји,но само тука се чуствуваме како дома,се чуствуваме добредојдени.Поради тоа секоја година сакаме да се вратиме тука“, вели Адријанус Де Гроен, холандски турист
„Луѓето овде се многу гостопримливи,секогаш се чуствувате добредојдени“, вели Марјолеин Де Гроен
Тие се пример дека вистинските љубови траат засекогаш. Размислуваат нивната љубовна и животна приказна да ја заокружат во Охрид.Планираат да купат стан или куќа од каде што секое утро пиејќи кафе ќе гледаат во прекрасното сино езеро,а на зајдисонце држејќи се за раце како и сите години досега, да го испраќаат денот.
Сашо Нелоски
