Владата на Израел го одобри планот на Трамп за договор со Хамас
Се очекува заложниците да бидат вратени в понеделник, најдоцна вторник. Безбедносните гаранции за Газа сè уште треба да се утврдат, вели американскиот претседател...

Израелската Влада го одобри планот на американскиот претседател Трамп за прекин на огнот во Појасот Газа и ослободување на сите преостанати заложници што ги држи Хамас.
„Се боревме во текот на овие две години за да ги постигнеме нашите воени цели, а една од нив е враќањето на заложниците. Не можевме да го постигнеме ова без извонредната помош на претседателот Трамп и неговиот тим, Виткоф и Кушнер“, изјави Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.
Се очекува заложниците да бидат вратени в понеделник, најдоцна вторник. Безбедносните гаранции за Газа сè уште треба да се утврдат, вели американскиот претседател.
„Ние потпишавме, како што знаете, сите се согласија. Мислам дека понеделник ќе биде многу голем ден. Понеделник, вторник. Никогаш не сум видел нешто слично. Улиците на толку многу земји во моментов се преполни со љубов и со пофалби за луѓето што го направија ова“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.
Планот на Трамп, објавен кон крајот на минатиот месец, повикува на „Привремена меѓународна стабилизациска сила“ што САД би ја развиле со арапски и меѓународни партнери.
„Добивме гаранции од медијаторите и американската администрација, кои не уверуваат дека војната е целосно завршена. Ќе продолжиме да работиме со националните и исламските сили за да ги завршиме преостанатите чекори, во интерес на нашиот палестински народ, овозможувајќи им сами да ја одредат својата судбина и да ги исполнат своите права. Ова ќе продолжи до воспоставување независна држава, со Ерусалим како главен град“, изјави Халил ал-Хаја, лидер на Хамас во Газа.
Голем број земји ги поздравија дипломатските напори и понудија помош и поддршка во спроведувањето на мирот. И покрај надежите за крај на двегодишната војна, израелските одбранбени сили велат дека северна Газа е сè уште активна борбена зона.
