Жестоки напади во Украина, Зеленски бара притисок за Путин
Дури и Хамас покажува остроумност во склучувањето договори, но не и Путин, рече Зеленски...

Продолжуваат нападите во Украина. На удар енергетската инфраструктура и цивилни објекти. Има жртви и повредени. Руското Министерство за одбрана тврди дека украинските сили минирале цевковод за амонијак во Донецк. Зеленски претходно изјави дека неодамнешната украинска контраофанзива ги попречила плановите на Русија за освојување на делови од источниот регион Донецк. Дури и Хамас покажува остроумност во склучувањето договори, но не и Путин, рече Зеленски.
„Апсолутно е фер Украина да возврати со прецизни, насочени напади, и за разлика од Русија, ние точно знаеме што сакаме да постигнеме-мир, се разбира. Ги поддржуваме сите глобални дипломатски напори насочени кон постигнување мир на Блискиот Исток и силно очекуваме дека праведниот притисок врз Русија ќе донесе мир во Украина, а исто така и во целиот наш регион. Важно е раководството на САД да продолжи да работи ефикасно“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.
Од Кремљ обвинуваат дека дијалогот меѓу Москва и Вашингтон е ставен на сериозна пауза, а Киев не покажува дека е посветен на мировниот процес.
