Локални избори 2025

Филипче од Кавадарци, владата го сруши достоинството на лозарите годинава

10.10.2025 16:37

Патриотизмот не е во зборовите, туку во делата, кажа на митингот одржан во Кавадарци лидерот на СДСМ Венко Филипче. Според него лозарите, овоштарите годинава настрадале со лошите земјоделски политики на владата. Кандидатот за градоначалник Виктор Велевски најави изградба на старечки дом а Кавадарци да биде европски град ослободен од корупција...

Народот не го бараме само за избори, ние посветено работиме за него секој ден. Вистински патриотизам е да не ја крадеш државата, за која велиш дека ја сакаш. Да не ги делиш граѓаните на свои и туѓи, да зборуваш за гордост а ги понижуваш со лаги. Патриотизмот не е во зборовите туку во делата. Ова се пораките кој лидерот на опозициската СДСМ Венко Филипче ги испрати од митингот во Кавадарци. Тој кажа дека Тиквешијата, лозарите, овоштарите, земјоделците, страдале од оваа власт, со лошите земјоделски политики.

Филипче кажа дека годинава не била објавена методологијата за производна цена на грозјето, иако министерството било законски обврзано тоа да го стори. СДСМ во земјоделството имало чесни и искрени политики со кои се поддржувало секое семејство кое живее од лозје. Оваа власт реши тоа да го уништи. Дали е патриот тој што дозволи 11 илјади семејства кои живеат од лозарството да бидат понижени, праша Филипче. Владата зборува за успеси а стандардот на граѓаните секојдневно паѓа. Тие што се колнеа во народот го изневерија, оние кои зборуваа за промени, не кажаа дека ќе бидат на полошо. Филипче рече дека тие за време на нивното владеење, во време на најтешките кризи, енергетска, здравствена, економска ги зголемиле платите, пензиите, социјалната помош, вовеле минимална плата, вовеле ДДВ. На митингот се обрати и Виктор Велевски, кандидат за градоначалник на Кавадарци од СДСМ и коалицијата. Тој вети дека Кавадарци ќе биде европски град, ослободен од корупција и крупни бизнис интереси, дека ќе биде зелен град. Белевски најави ако стане градоначалник намалување на комунални сметки, ослободување од комуналии за млади брачни парови кои градат свои сопствени куќи, изградба на старечки дом.

На изборното претставување во Кавадарци, носителот на советничката листа Вуко Мелов, најави пакет на социјални мерки, бесплатна градинка за деца кои потекнуваат од семејства со ниски приходи, за пензионерите со ниски примања – еднократна финансиска помош од пет илјади денари годишно, за жителите на селата бесплатен автобуски превоз, субвенционирање на огревот за социјално ранливите семејства, формирање агро берза за лозарите и земјоделците за пласман со реални цени.

Петар Печков