Стапува на сила прекинот на огнот во Газа
На сила прекин на огнот во Газа. Израелската влада го одобри договорот, според кој Хамас ќе ги ослободи сите преостанати заложници што ги држи во Газа, во замена за повеќе од 2 илјади затвореници. В понеделник во Египет најавено потпишување на постигнатиот договор, присуство најави и Трамп...

Израелската влада и официјално го одобри планот на Трамп за прекин на огнот во Газа и првата фаза за ослободување на преостанатите 48 заложници, за кои се верува дека 20 се живи, во замена за околу 2.000 палестински затвореници. Се очекува киднапираните да бидат вратени најдоцна до вторник, а Израелските одбранбени сили постепено да се повлекуваат и хуманитарната помош да стигне до погоденото население.
„Се боревме во текот на овие две години за да ги постигнеме нашите воени цели, а една од нив е враќањето на заложниците. Не можевме да го постигнеме ова без извонредната помош на претседателот Трамп и неговиот тим, Виткоф и Кушнер“, изјави Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.
Американските претставници објавија дека ќе испратат околу 200 војници во Израел како поддршката за спроведување на договорот. Понатамошните чекори во планот од 20 точки сè уште не се дискутирани. Меѓу нив е и прашањето за управувањето со Газа и разоружувањето на Хамас.
„Ние потпишавме, како што знаете, сите се согласија. Мислам дека понеделник ќе биде многу голем ден. Понеделник, вторник … Никогаш не сум видел нешто слично. Улиците на толку многу земји во моментов се преполни со љубов и со пофалби за луѓето што го направија ова“, рече американскиот претседател, Доналд Трамп.
Планот на Трамп, објавен кон крајот на минатиот месец, повикува на „Привремена меѓународна стабилизациска сила“ што САД би ја развиле со арапски и меѓународни партнери. Од Хамас велат дека добиле гаранции од Вашингтон и изјавија дека војната е завршена. Милитантната група вети дека ќе соработуваат со националните и исламските фракции за да се реализира идејата за формирање на независна држава со Ерусалим како главен град.
„Добивме гаранции од медијаторите и американската администрација, кои не уверуваат дека војната е целосно завршена. Ќе продолжиме да работиме со националните и исламските сили за да ги завршиме преостанатите чекори, во интерес на нашиот палестински народ, овозможувајќи им сами да ја одредат својата судбина и да ги исполнат своите права. Ова ќе продолжи до воспоставување независна држава, со Ерусалим како главен град“, изјави Халил ал-Хаја, лидер на Хамас во Газа.
Голем број земји ги поздравија дипломатските напори и понудија помош и поддршка во спроведувањето на мирот.
Маријана Димовска
