Владата на Нетанјаху даде зелено светло, одобрен договорот за прекин на огнот
Владата на Нетанјаху даде зелено светло. Израел го одобри планот на Трамп и договорот со Хамас за прекин на огнот во Газа и ослободување на заложниците и на затворениците. Почна повлекувањето на силите, за Хамас, војната е веќе завршена.

Израелската Влада и официјално го одобри планот на Трамп за прекин на огнот во Газа. Во рок од 72 часа од повлекувањето на израелските одбранбени сили, Хамас треба да ги предаде преостанатите 48. заложници, почнувајќи од 20-те за кои се верува дека се живи. За возврат Израел ќе ослободи околу 2.000 палестински затвореници.
„Се боревме во текот на овие две години за да ги постигнеме нашите воени цели, а една од нив е враќањето на заложниците. Не можевме да го постигнеме ова без извонредната помош на претседателот Трамп и неговиот тим, Виткоф и Кушнер“, изјави Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.
Американските претставници објавија дека ќе испратат околу 200 војници во Израел како поддршка за спроведување на договорот. Понатамошните чекори во планот од 20 точки допрва ќе се прецизираат. Меѓу нив е и прашањето за управувањето со Газа и разоружувањето на Хамас.
„Ние потпишавме, како што знаете, сите се согласија. Мислам дека понеделник ќе биде многу голем ден. Понеделник, вторник. Никогаш не сум видел нешто слично. Улиците на толку многу земји во моментов се преполни со љубов и со пофалби за луѓето што го направија ова“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.
Од Хамас велат дека војната е завршена и ќе соработуваат со националните и исламските фракции за да се реализира идејата за формирање на независна држава со Ерусалим како главен град.
„Добивме гаранции од медијаторите и американската администрација, кои не уверуваат дека војната е целосно завршена. Ќе продолжиме да работиме со националните и исламските сили за да ги завршиме преостанатите чекори, во интерес на нашиот палестински народ, овозможувајќи им сами да ја одредат својата судбина и да ги исполнат своите права. Ова ќе продолжи до воспоставување независна држава, со Ерусалим како главен град“, изјави Халил ал-Хаја, лидер на Хамас во Газа.
Планот на Трамп, објавен кон крајот на изминатиот месец, предвидува привремена меѓународна стабилизациска сила од арапски и меѓународни партнери која ќе се грижи за внатрешната безбедност во Газа. Голем број земји ги поздравија дипломатските напори и понудија помош и поддршка во спроведувањето на мирот.
Маријана Димовска
