ЗНАМ со ветувања-уредени и транспарентни општини
Центар со уредена инфраструктура, ветува кандидатот за градоначалник од ЗНАМ, Лабудовиќ. Советничката група од ова движење ќе се залага за транспарентни општини, со дигитализирани услуги, побрз и поквалитетен сервис за граѓаните.

Чист и функционален Центар, со уредена инфраструктура, катчиња за младите, но и места за одмор за повозрасните, ветува кандидатот за градоначалник на Општина Центар, од движењето „За наша Македонија“.
„Центар денес не е оној Центар што го паметиме, тротоарите се разорени, улиците се полни со кал и дупки, парковите запуштени, маалските клупи се празни. Децата немаат каде да си играат, младите немаат каде да се соберат, а повозрасните нема каде да се одморат и најтажно од се, се губи духот на нашето маало, на нашето Скопје, на нашата човечност. Она чувство на припадност што некогаш не поврзуваше, денес го задушува бетон, го брише рамнодушност и тоа не е случајно, тоа е резултат на власт која нема љубов кон ова место“, изјави Мирослав Лабудовиќ, кандидат за градоначалник на Општина Центар од ЗНАМ.
Транспарентна општина со дигитализирани услуги, јавни претпријатија, и воспоставување на инфо центри и линии каде што граѓаните на едно место ќе ги добијат информациите и услугите, ветуваат од советничката листа на ЗНАМ во Куманово.
„Изработка на нова инклузивна веб-страница на Општината, приспособена за лица со попреченост, со јасен пристап до сите информации од јавен интерес. Развивање на нова мобилна и веб-апликација преку која граѓаните ќе имаат можност лесно да пријават проблеми, предлози и барања. Организирање на младински форуми и панел дискусии, каде младите ќе имаат можност активно да ги претстават своите идеи, ставови и иницијативи“, истакна кандидатот за советник од ЗНАМ во Куманово, Митевски.
Од ЗНАМ ветуваат и доопремување на јавните претпријатија.
Елена Георгиевска
