Поднесена кривична пријава за нападот врз Шаини
Шаини, кој во нападот се здоби со прострелни рани ги отфрли информациите дека се работи за семејно недоразбирање и побара да се најде вистинскиот сторител...

Лекарот Зекирија Шаини, кон кого во вторникот беше пукано од огнено оружје одржа прес-конференција. Шаини, кој во нападот се здоби со прострелни рани ги отфрли информациите дека се работи за семејно недоразбирање и побара да се најде вистинскиот сторител.
„Изјавувам пред јавноста дека немам никакво сознание за мотивите на овој атентат, немам нерасчистени сметки со никого, не сум нарушил ничиј живот, приватност или нешто друго. Уште еднаш ги молам органите на прогонот да се справат со откривањето на вистинскиот сторител на овој атентат, ставајќи ја мојата соработка на располагање секогаш кога ќе се појави потреба за разјаснување на овој случај, бидејќи самиот сум лично заинтересиран ова прашање што поскоро да добие епилог и вистината да излезе на виделина“, изјави Шаини.
До кумановското обвинителство денеска е доставена кривична пријава – за загрозување на сигурноста против едно лице, како и за поттикнување за извршување на делото против поранешна сопруга на оштетениот. Тие претходно му испраќале заканувачки пораки.
