Итна седница во НАТО за кризата во источна Украина

29.08.2014 13:39

Продолжуваат обвинувањата на релација Киев-Москва. Разговорите во Минск не само што не донесоа решение, туку како да имаат контраефект врз политичката состојба во земјата. Претставници на НАТО се состанаа на итен состанок во Брисел, по снимките за присуство на руски војници на украинска територија. Обама најави дека на 18-ти септември украинскиот претседател Порошенко треба да го посети Вашингтон.

Итна седница во НАТО за кризата во источна Украина. Средбата следува откако  во јавноста излезе информацијата дека  најмалку илјада руски војници со најмодерно оружје се борат во Украина. Објавени се и сателитски фотографии за движење на руски артилериски единици. Американскиот претседател Барак Обама ја обвини Русија за насилствата и изјави дека Русија ги обучува, вооружува и ги финансира проруските сепаратисти. Сепак, ја отфрли можноста за воена акција.

„Тоа што го прави Русија е инвазија. Јасно е дека руските оружени сили се преселуваат преку граница. Ние го осудуваме тој чин. Она што се случува во последниве месеци во Украина е приказ на агресијата на Русија, која отворено се обидува да ја покаже доминацијата, што е апсолутно неприфатливо“, рече Тони Абот, премиер на Австралија.

Официјална Москва децидно ги отфрла обвинувањата. Рускиот претседател Путин ги повика проруските сили да обезбедат хуманитарен коридор и повика итно да се обезбеди медицинска помош за учесниците во воените акции. Официјален Киев постапката ја оцени како показател дека сепаратистите се под директо влијание на Кремљ.

„Ние сме подготвени да направиме коридор за украинските војници, но под еден услов, тие да ја напуштат територијата без оружје“, рече Александар Закарченко премиер на самопрогласената Доњецка Република.

Според податоците на ОН, во борбите од април годинава животот го загубиле повеќе од 2.600 луѓе.

Марија Петковска