МАНУ го одбележа Денот на академијата
МАНУ како највисока научна и уметничка институција во државата има долг и обврска да обезбеди иднина во која македонскиот јазик, култура и идентитет ќе бидат безбедни и неоспорувани, истакна претседателот Живко Попов...

МАНУ како највисока научна и уметничка институција во државата има долг и обврска да обезбеди иднина во која македонскиот јазик, култура и идентитет ќе бидат безбедни и неоспорувани, истакна претседателот Живко Попов во обраќањето на Денот на академијата. Истражувачките центри годинава реализираат 75 проекти-дел од нив е научната стручна терминологија која треба да се користи при превод на европското законодавство на македонски јазик, за да не се користат странски термини.
„Во годината кога прославуваме 80 години од кодификацијата на македонскиот јазик, со жалење мора да констатираме дека македонскиот јазик е единствениот национален јазик во Европа заедно со црногорскиот, без свој национален или референтен корпус. Тоа е голем пропуст што мора да се исправи. Затоа во Академијата ќе започне работата на создавање таков корпус што можат да го користат сите истражувачи на јазикот“, изјави академик Живко Попов, претседател на МАНУ.
За подигање на научноистражувачката дејност, МАНУ оценува дека е потребно формирање на Министерство за високо образование и наука.
МАНУ е основано пред 58 години.
Ирина Гелевска
