Стапи во сила примирјето во Газа
Газа може да здивне. Стапи во сила прекинот на огнот откако Израел даде зелено светло за планот на Трамп и договорот со Хамас. По повлекувањето на војската, ослободување на заложниците и затворениците.

Израел и официјално соопшти дека договорот за прекин на огнот во Газа стапи во сила. Израелските војници остануваат да вршат притисок врз Хамас сè додека групата не биде разоружана. По објавата на примирјето, десетици илјади Палестинци се упатија кон своите домови во северна Газа. Нетанјаху очекува сите заложници да бидат ослободени, во замена за околу 2.000 палестински затвореници.
„Им ветив на семејствата на заложниците и на граѓаните на Израел, дека ќе ги вратиме сите, без исклучок, тоа и го исполнуваме. Хамас ќе биде разоружан, а газа ќе биде демилитаризирана. Ако ова се постигне на лесен начин-нека биде така, ако не-ќе се постигне на потешкиот начин“, изјави Бенјамин Нетанјаху-премиер на Израел.
САД ќе испратат околу 200 војници во Израел како поддршка за спроведување на договорот. Деталите од планот од 20 точки допрва ќе се прецизира.
„Ние потпишавме, како што знаете, сите се согласија. Мислам дека понеделник ќе биде многу голем ден. Никогаш не сум видел нешто слично. Улиците на толку многу земји во моментов се преполни со љубов и со пофалби за луѓето што го направија ова.“, изјави Доналд Трамп – претседател на САД.
Од хамас велат дека ќе соработуваат со националните и исламските фракции за да се реализира идејата за формирање на независна држава со Ерусалим како главен град.
„Ќе продолжиме да работиме со националните и исламските сили за да ги завршиме преостанатите чекори, во интерес на нашиот палестински народ. Ова ќе продолжи до воспоставување независна држава, со Ерусалим како главен град.“, изјави Халил ал-Хаја – лидер на Хамас во Газа.
Голем број земји ги поздравија дипломатските напори и понудија помош и поддршка во спроведувањето на мирот.
Катерина Бојаџиева
