ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Македонија“ денеска во Дојран, Валандово, Богданци и Гевгелија
Карванот на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Македонија“ денеска е во Дојран, Валандово, Богданци и Гевгелија откако се претстави во дел од скопските општини. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски рече дека мора да се стави крај на длабоката држава и кажа што е сработено во економијата. Кандидатката за градоначалничка на Кисела Вода, Стаменкоска – Трајкоска најави дека и во наредните четири години ќе продолжат со проектите за оваа општина.

„Време е да се изгради држава на правда, слобода и грижа за секого, затоа што слободата не е само дел од Уставот, туку начин на живот“, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и предводник на коалицијата „Твоја Македонија“, Христијан Мицкоски на митингот во скопска Кисела Вода. Тој најави справување со длабоката држава.
„Системот кој СДСМ го создаде, со вградени сопирачки во институциите го кочат напредокот“, рече Мицкоски, кој порача дека судството мора да биде непристрасно и непокорливо, да има судии кои судат според закон, а не според партиски влијанија, институции кои штитат, а не молчат, процедури кои враќаат доверба, а не создаваат сомнеж, истакна Мицкоски на митингот.
Кандидатот за градоначалник на Скопје од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, Орце Ѓорѓиевски ја претстави својата визија за зелено и модерно Скопје. Тој наброи и неколку клучни инфраструктурни проекти и решенија за еколошките проблеми со кои градот се соочува, за подобрувањето на јавните претпријатија. Според него, успехот на Кисела Вода е модел што треба да се пренесе.
Кандидатката за градоначалничка на Кисела Вода, Бети Стаменкоска-Трајкоска истакна дека во изминатите четири години во Кисела Вода се работело за народот, а не за личните интереси. „Можеме уште, знаеме како и решени сме да продолжиме“, рече Стаменкоска-Трајкоска. Таа смета дека со поддршка од владата и премиерот Мицкоски, како и во соработка со Орце Ѓорѓиевски, ќе продолжат да ја градат Кисела Вода. Стаменкоска Трајкоска на митингот наброи дел од проектите во нејзината изборна програма – реконструкција на месните заедници во Драчево и Пинтија, во Припор – канализација бабин дол, осветлување на патот кон манастирот Пеленица, подземна инфраструктура, пешачко-велосипедска патека, спортска сала во подрачно основно училиште „Круме Кепески“ и во Кузман Шапкарев, доградба на основното училиште „Невена Георгиева – Дуња“, пробивање и целосна реконструкција на земјениот пат од мостот на Маркова река до патот за Лисиче кај Охис.
Изборниот карван на ВМРО – ДПМНЕ и коалицијата ја презентираше програма и кандидатите за градоначалници и советници во општините Зелениково и Илинден и за советници во Општина Центар.
Игор Панов
