„Печалбари“ на сцената на авангардниот КПГТ во Белград
Во Белград изведба на претставата „Печалбари“ од Антон Панов, со Ана Костовска и 12 македонски млади актери во режија на Љубиша Ристиќ …

Во драмата „Печалбари“ на Антон Панов, на сцената на авангардниот КПГТ (Казалиште-Позориште-Гледалиште-Театар) во Белград, во режија на Љубиша Ристиќ, преку невралгичната точка на македонскиот геном – печалбата, ја осветлува универзалната тема – љубовта. Напишана во далечната 1936 година, таа е жива и актуелна до ден денес.
Главната улога и стожерот на драмското дејство, доајенката на македонската сцена-Ана Костовска, мајсторски го гради психолошкиот портрет на мајка немоќна да се справи со тешката судбина што ѝ ја наметнува животот.
Нејзиниот глас, додека говори, а уште повеќе додека пее, ги ткае најсуптилните лирски нијанси и темните чувства во маестрална драмска нарација, чиј интензитет никого не остава рамнодушен.
Неизоставен дел е музиката, главно традиционална, македонска, која звучи безвременски и ја нагласува емоционалната пренапрегнатост врз драмскиот тек.
И останатиот ансамбл составен главно од млади актери, го надополнува со својот ентузијазам впечатокот и желбата ова драмско дело уште долго да живее на штиците што живот значат.
Оливер Бранковиќ, дописник од Белград за МРТ
