Локални избори 2025

СДСМ ги претстави приоритетите во Гази Баба

11.10.2025 17:33

Стефковски ќе остане запаметен како градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ што создаде повеќе депонии отколку решенија, и кој наместо живот понуди само пораз и срам. Нашите соседи одамна испраќаат луѓе на месечината, а делови од Гази Баба сè уште немаат питка вода, порача кандидатот за градоначалник на Гази Баба од СДСМ, Влатко Митовски...

Наместо развој, застој, дива урбанизација, наместо визија, популизам, шминка и предизборен маркетинг, Стефковски ќе остане запаметен како градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ што создаде повеќе депонии отколку решенија, и кој наместо живот понуди само пораз и срам. Нашите соседи одамна испраќаат луѓе на месечината, а делови од Гази Баба сè уште немаат питка вода, порача кандидатот за градоначалник на Гази Баба од СДСМ, Влатко Митовски.

Тој потенцираше дека општината која заслужуваше чистота и урбана култура, денес тоне во депонии, кал и хаотичен сообраќај. Општина со огромен потенцијал, беше раководена по принципот „купи ден, помини ден“, без никаков план или отчет, додаде Митовски.

Тој најави и три катни гаражи и еднонасочни улици во Автокоманда за крај на сообраќајниот метеж, нов мост што ќе го поврзе булеварот АСНОМ со улицата Перо Наков и нова клучка за Инџиково и Хиподром, целосна реконструкција на водоводната мрежа во сите делови каде нема вода, нова спортска сала, затворен базен, кино и културни домови, нова општинска зграда, велосипедски патеки и јавни зелени простори.

Кандидатката за градоначалник на Скопје, Шукова, посочи дека Гази Баба бара темелна и планирана санација и дека таа ќе работи на вистинска реализација.

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче ја обвини власта и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, дека посакуваат контролирано судство, но дека СДСМ нема да дозволи нови тефтерчиња од „белата палата“.

Според него, граѓаните се уморни од политички препукувања и очекуваат јасни резултати: повисоки плати, подобро здравство и борба против корупцијата со проверливи исходи во судниците, а не во партиските штабови и во интерес на олигарсите.

Филипче, најави дека СДСМ ќе дејствува со пакет мерки за поголема транспарентност вклучително и јавно објавување на статистики за предмети, електронски траги на одлучување и јасни рокови за постапување на институциите и особено за мерки со кои ќе се задржат младите во земјата.

Фиљана Кока