Блиски исток

Се почитува примирјето во Газа

11.10.2025 13:02

Примирјето во Газа се почитува од двете страни. Израел им даде зелено светло на ОН за доставување хуманитарна помош во енклавата. Додека реки луѓе се враќаат во Газа, Тел Авив во исчекување на враќањето на заложниците. Трамп вели дека Хамас веќе ја организира работата и е оптимист за траен мир. Милитантите, пак, фрлаат сенка на мировниот план-нема разоружување без јасен пат кон самостојна палестинска држава. Нетанјаху предупредува-Израел може да ја обнови својата офанзива ако Хамас не се откаже од своето оружје…

Израел и Хамас го почитуваат договореното-примирјето продолжува додека израелските сили постепено се повлекуваат од енклавата, а илјадници Палестинци се враќаат во урнатините на северна Газа. ОН добија зелено светло за доставување хуманитарна помош почнувајќи од утре.

„Одиме во нашиот дом. Раселувањето беше тешко. Фала му на Бога што војната заврши, се надеваме дека иднината на Газа ќе биде светла, а нашата ситуација ќе стане подобра“, вели раселен Палестинец.

Во исчекување на заложниците кои треба да им бидат предадени на семејствата в понеделник, на плоштадот во Тел Авив искушението станува неподносливо.

„Утрово сум тука затоа што не можев да спијам. Неколку ноќи не можеме да спиеме. Ги сакаме назад и чувствуваме дека сè виси на конец. Чувствувам дека едноставно повеќе не можам да дишам“, изјави Мајан Елијаси, жителка на Тел Авив.

Американскиот претседател соопшти дека Хамас веќе ја органзиира работата за враќање на заложниците, нарекувајќи ја ситуацијата почеток на нова надеж. Оптимист е дека новиот мировен договор овојпат ќе се одржи.

„Тие веќе работат на нивното извлекување, знаете се наоѓаат на некои подземни локации и места кои само мал број луѓе ги знаат. Се вадат и телата на приближно 28 заложници. Тоа е трагедија, но и нова надеж. Мислам дека овојпат примирјето ќе издржи, сите се уморни од борбите“, изјави претседателот Трамп.

Без личната вклученост на Трамп војната немаше да заврши – соопшти Хамас и додаде дека нема да се разоружат освен ако не се воспостави јасен пат кон самостојна, суверена и одбранбено способна палестинска држава.

„Тие мора да разговараат заедно за тоа и да најдат начини како можеме да продолжиме напред со нашата борба за слобода и независност. Во ова време можеме да најдеме многу модалитети за да го положиме оружјето, да имаме примирје, но повторно, ова е општо право на палестинскиот народ“, рече Басем Наим, висок функционер на Хамас.

Додека голем број прашања остануваат отворени за тоа кој ќе управува со Газа и дали Хамас ќе се разоружа како што е предвидено во мировниот план на Трамп, премиерот Нетанјаху навести дека Израел може да ја обнови својата офанзива ако Хамас не се откаже од своето оружје.

Бојана Крстевски