Локални избори 2025

ВМРО-ДПМНЕ одржа митинзи во Валандово, Дојран, Богданци и Гевгелија

11.10.2025 17:48

На следните локални избори – граѓаните имаат две опции, првата е трилинг од СДСМ, ДУИ и Левица, која по секоја цена сака да биде на власт, и втората e коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ која работи чесно и посветено, кажа лидерот Христијан Мицкоски кој ги претстави кандидатите за градоначалник во Валандово, Дојран, Богданци и Гевгелија …

„Ова се избори каде граѓаните имаат две опции. Едната е полуформална коалиција составена од три политички субјекти СДСМ, ДУИ и Левица која има жед за власт по која било цена и патолошка омраза кон ВМРО-ДПМНЕ. Втората опција сме ние, нашата коалицијата“-вака кажа претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на митингот од изборната кампања во Валандово, каде подвлече дека првата опција не нуди ништо. Имаа шанса седум години да се грижат за нашиот заеднички дом Македонија. Но, место тоа, седум години имавме грабеж, седум години пљачка на македонскиот народ, но и национални предавства што најмногу боли. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски рече дека овој трилинг од партии кој се обидува да ја врати Македонија наназад е првата опција, а втората е ВМРО-ДПМНЕ кој ветува дека ќе работи, чесно и посветено и ќе решава проблеми на граѓаните.

Пред валандовчани се обрати и кандидатот за градоначалник, Ѓоко Камчев. Подвлече дека тој заедно со листата за советници имаат визија за поубаво Валандово, бидејќи кога ВМРО-ДПМНЕ е на власт, работите се менуваат на подобро, државата и општините одат напред. Осум години Валандово тоне во апатија, недомаќинско и несовесно работење. Оваа општина е во рацете на едни исти луѓе, а валандовчани сакаат просперитетна општина, подвлече Камчев. Градат затворен базен, а немаме квалитетна вода за пиење, ветуваа борба за здрава животна средина, а дишеме загаден воздух. Ние не ветуваме чуда, туку реални и одржливи проекти, бидејќи не сме луѓе кои гледаат само лични и партиски интереси.

Коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ митинзи имаше и во Дојран, Богданци и Гевгелија, каде ги претстави и кандидатите за градоначалник за следните локални избори. Во Дојран – Илија Тентов, во Богданци-Марјан Пеев и во Гевгелија-Андон Сарамандов.

Ване Трајков