Почнува имплементацијата на системот за електронско регистрирање на влез и излез во Шенген зоната
Собраните податоци ќе бидат важечки во наредните три години. Моделот на проверката е наменет за зајакнување на безбедноста на границите поради заштита од илегална миграција и од терористички напади, информираат од Европскиот совет.

Од денеска почнува собирањето податоци на македонските државјани коишто влегуваат во ЕУ. Земјите-членки на Унијата на своите граници го воведоа новиот влезно-излезен систем на регистрирање на патниците кои не се жители на Унијата. Со него во 29 држави на Шенген зоната ќе се регистрираат дигитално податоците од патните исправи, отпечатоците и биометриските фотографии.
Собраните податоци ќе бидат важечки во наредните три години. Моделот на проверката е наменет за зајакнување на безбедноста на границите поради заштита од илегална миграција и од терористички напади, информираат од Европскиот совет.
Грција најави дека во првиот месец ќе зема податоци од 10 проценти од патниците, и ќе прави проценка кога ќе се земаат овие податоци за да се избегнат гужвите на граница.
Бугарија пак, според најавите, системот за влез и излез ќе го активира од крајот на октомври. Еднаш земените податоци ќе важат до рокот на важење на пасошот на патникот. Со нов пасош, оваа процедура ќе треба да се повтори.
Системот во некои земји од Унијата ќе се воведува последователно во наредните шест месеци и ќе стане целосно оперативен на 10-ти април 2026-та.
Од крајот на идната година ќе почне и примена на системот за најавување и авторизација на патувањата во ЕУ-ЕТИАС со кои преку интернет ќе треба да се најавите и платите 20 евра за дозвола за патување пред влез во ЕУ.
Од МВР информираат дека во функција ќе бидат ставени сите расположливи материјално-технички средства за непречено одвивање на протокот на патници.
