Македонија

Октомври-месец на лицата со Даунов синдром

12.10.2025 18:25

„Само родителите ги знаат вистинските потреби на своите деца. Особено ако имаат поинакви потреби и можности. На овие лица потребно им е темелно вклучување во системот“, вели родител на лице со Даунов синдром. Не се знае точната бројка на лица со вакви попречености на подрачјето на Битола …

Коста Ќука една деценија ја дели колегијалноста со вработените во Градската библиотека во Битола. Вели дека е среќен, бидејќи му се дала можноста да биде дел од општествениот систем и да се чувствува корисно.

„Животот не е само четирите работни саати“, вели мајката на овој 49-годишник и дополнува: „не сакаме шарени балони и новогодишни пакетчиња, потребно е темелно вклучување во системот на лицата со попречености“.

Само родителската грижа на лицата со поинакви потреби и можности е правилна и од срце. Никој не може да ја замени, објасни Мирјана.

Родителите на лицата со посебни потреби праќаат апел до државата да бидат поддржани во иницијативата да добијат статус на родител-старател.

А желбата на Коста и неговите пријатели е во Битола да имаат клубови и можности за дружење и креативно-едукативни дејности.

Ружица Ѓоршевска