Охрид

Наместо масовен, одржлив и елитен туризам

12.10.2025 16:32

Охрид засилено да работи на избегнување на масовниот туризам. УНЕСКО е еден од основните мотиви за привлекување на туристи, но, масовниот туризам носи низа штетни последици. Потребна е стратегија за одржлив туризам …

Охрид да се фокусира на избегнување на масовниот туризам. Според експертите, богатото културно и природно наследство само по себе го прават градот висококвалитетна туристичка дестинација. Потребна е да се работи на подобрување на понудата, со повисоки цени да се привлекуваат туристи со повисока куповна моќ.

„И, секако, ако бизнисот, еснафот, се одреди за повисок квалитет, тогаш треба сериозно да се поработи, еве и ние како факултет се ставаме на располагање да се организираат некакви трибини, за да проговориме како да ребрендираме, како да се зголеми квалитетот на понудата и тогаш ќе зборуваме за помалку туристи коишто повеќе трошат. На крајот, иста е сумата, ама помалку се штетите по градот“, вели професор д-р Сашо Коруноски од ФТУ Охрид.

Потребно е подобрување на квалитетот во сите сегменти, почнувајќи од подобра инфраструктура, преку сместување, до транспорт и услуги.

„Неколку пати сум кажал, сум бил, можеби погрешно разбран, за Охрид не зборуваме за масовен туризам, туку зборуваме за елитен туризам. Не мора да имаме милиони и милиони ноќевања, може да имаме многу помалку, но којшто ќе бидат со повисока цена, ќе имаме помалку туристи, но ќе добиеме поголем бенефит“, вели Челик Асим туристички работник.

УНЕСКО е еден од основните мотиви за привлекување на туристи, но, масовниот туризам носи низа штетни последици. Потребна е стратегија за одржлив туризам кој овозможува заштита на природата и културните вредности.

Соња Рилковска