Филипче од Тетово: Младите си заминуваат поради ниски плати, сиромаштија и нефункционалност на институциите
Како да ги задржиме младите во земјава со ниски плати со кои не можат да си ги покријат месечните трошоци, е едно од прашањата кои лидерот на СДСМ ги упати до власта, од митингот во Тетово, критикувајќи ги економските и социјалните политики и потенцирајќи дека сега е моментот за обединување …

Младите си заминуваат поради ниски плати, сиромаштија и нефункционалност на институциите, истакна лидерот на социјалдемократите, Венко Филипче, на граѓанската трибина во Тетово, упатувајќи критика кон економските и социјалните политики на власта.
Тој пред тетовци истакна дека Македонија се соочува со највисоки цени за храна во регионот, обвинувајќи ја владата дека наместо вистински антикризни мерки, нуди лажни кампањи и ПР-манипулации со „потрошувачки кошници“.
Филипче ја осуди и како што вели, инертноста на Владата на ВМРО-ДПМНЕ кон проблемите со кои секојдневно се соочуваат жителите на Тетово, како и непочитувањето на државните симболи и Законот за употреба на македонскиот јазик во оваа општина. Потенцираше пред присутните дека патриотизмот не се мери со празни зборови и поделби, туку со дела, одговорност и почит кон сите граѓани, кон државата и нејзините симболи.
Предупреди дека, покрај негрижата за инфраструктурата и јавната хигиена, во Тетово се нарушуваат мултиетничкиот карактер на градот и принципите на соживот.
Носителот на советничката листа на СДСМ во Тетово, Живе Алексовски вети дека ќе се заложи за изградба на паркинзи, паркови, дом за стари лица, спортски терени, но и да нема промена на имињата на улиците во Тетово. Обвини дека градскиот стадион и е доделен само на една екипа, а на сите останати екипи не им е достапен иако бил изграден со средства на сите тетовци.
Враќање на довербата во институциите, повисоки плати, стабилни пензии, вистинска поддршка за земјоделците и шанса за младите да останат дома, се ветувањата на СДСМ на граѓанската трибина што се одржа во Тетово.
Александра Велинова
