Локални избори 2025

Мицкоски од Прилеп: Почнува иднина на надеж, дела и резултати

12.10.2025 12:34

На изборниот митинг во Прилеп, ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ги претстави кандидатот за градоначалник на Прилеп, Дејан Проданоски и советничката листа. Претседателот на партијата, Христијан Мицкоски рече дека почнува иднина на надеж, на дела и резултати. Проданоски ја побара довербата од прилепчани уверувајќи дека е вистинскиот избор за развој на градот …

Доаѓа време на пресврт, кога зборовите ќе донесат резултати и кога ветувањата ќе се мерат со дела, а политиката со подвизи, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на изборниот митинг во Прилеп.

Според Мицкоски, по седум години разурнувања, лаги, поделби и злоупотреби, вратена е надежта кај граѓаните по години апатија.

Што се однесува до националните теми и зошто не попушта во своите ставови спрема источниот сосед, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ рече дека станува збор за морални вредности и елементарно чувство за национални интереси, зашто, според Мицковски, досега се водела политика на капитулација во однос со соседите и не е можен консензус со СДСМ за прашањето со Бугарија.

Повикувајќи ги прилепчани на 19-ти октомври да ја дадат довербата за бројот 9, Мицкоски вети чесна борба, посветеност и резултати, држава што ќе функционира. Зборуваме за избор помеѓу минатото и иднината, меѓу зборови и дела, рече Мицкоски.

Кандидатот за градоначалник на Прилеп од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, Дејан Проданоски понуди општина што решава проблеми и отвора можности. Според Проданоски, за првпат Прилеп е поврзан со автопатишта. Модерниот пат од Градско до Фариш е завршен, во тек е изградбата на автопатот кон Битола, проект чекан со децении.

Со владина поддршка ќе се гради современ пат од Фариш до самиот влез на Прилеп. Проданоски најави и нова детска градинка во населбата Рид, решавање на деценискиот проблем со градската река, нови обиколници Исток и Запад. Проданоски вети комплетна реконструкција на Центарот за култура „Марко Цепенков“, како и реконструкција на народниот театар „Војдан Чернодрински“. Ќе се воведат целосни електронски услуги во Општината. Прилеп ќе добие видеонадзор на клучните локации за да се зголеми безбедноста, а да го намали криминалот.

На митингот беше претставена и советничката листа на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата.

Елизабета Митреска