Блиски исток

Хамас утре ќе ги предаде израелските заложници, Израел ќе реагира ако договорот се прекрши

12.10.2025 13:04

Утре почнува ослободувањето на преостанатите 48 израелски заложници од Газа-потврди Хамас. Тел Авив порача-ќе реагира веднаш, ако договорот биде прекршен. Околу 200 американски војници пристигнаа во Израел да го следат примирјето. Во Газа почна дистрибуцијата на помош. Во Израел силни емоции и измешани чувства. Утре во Египет мировен самит за Газа …

Хамас објави дека утре почнува со ослободување на преостанатите 48 израелски заложници од Газа како дел од првата фаза од мировниот план на Трамп. Предавањето ќе оди преку Црвениот крст и израелските одбранбени сили. Тел Авив е подготвен на акција доколку договорот се наруши.

„Подготвени сме за секој развој, остануваме будни и подготвени за акција сè додека сите наши заложници не се вратат“, изјави израелски командант од 98-та дивизија.

Околу 200 американски војници пристигнаа во Израел за да го следат примирјето и да помогнат со хуманитарна и логистичка поддршка. Во Газа почна дистрибуцијата на помош, додека се расчистуваат урнатините низ појасот. Досега се вратени околу половина милион луѓе, кои сведочат за големите уништувања.

„Како ќе живееме не знам. Без вода, без струја, без домови и патишта“, вели Мохамад Абу Риш, жител на Кан Јунис.

„Кан Јунис е уништен. Оваа област повеќе не е погодна за луѓе. Нема место ниту за шатор“, изјави Азми ал-Аккад, жител на Кан Јунис.

Во истовреме, на плоштадот на заложниците во Тел Авив синоќа одржан голем митинг со надеж дека ќе биде и последен. На собирот присуствуваа и американскиот специјален пратеник Виткоф, придружуван од ќерката на Трамп, Иванка, и нејзиниот сопруг Кушнер.

„Сега е критично време. Она што се бара од нашите членови на Кнесетот, на владата и оној што ја води-е нула грешки. Време е да завршиме со ова“, вели Јаира Гутман, мајка на убиен заложник.

„Сите му должиме длабока благодарност на претседателот Трамп кој одби да ја прифати идејата дека мирот на Блискиот Исток е недостижен. Вашата храброст го трогна светот, но и мене. До заложниците-наши браќа и сестри, се враќате дома“, изјави Стив Виткоф, специјален пратеник на Трамп.

Израелскиот министер за одбрана Кац најави дека по ослободувањето на заложниците следува операција за уништување на тунелите на Хамас, што ќе ја спроведат израелските сили и меѓународен механизам под водство на САД. Во Египет утре ќе се одржи мировен самит за завршување на конфликтот на кој ќе присуствуваат светски лидери, вклучително Трамп, Макрон, Стармер и Гутереш.

Бојана Крстевски