Израелските заложници се враќаат дома
Почна спроведувањето на првата фаза од мировниот договор меѓу Израел и Хамас. Денеска ќе бидат ослободени преостанатите израелски заложници кои палестинските милитанти ги држат повеќе од две години. Војната е завршена, рече американскиот претседател Трамп додека беше на пат кон Египет каде што се одржува мировен самит за Газа.

Хамас почна со предавањето на израелските заложници по договорот од првата фаза од мировниот план на Трамп. На Црвениот крст првично ќе им бидат предадени шестмина заробеници од северниот дел на Газа, а преостанатите 14 ќе бидат ослободени подоцна од различни области на појасот. Израел подготвен да ги пречека. Во Тел Авив силни емоции пред повторното обединување со саканите.
„Во анксиозност сме, очекуваме да ги видиме сите заложници дома“, изјави жител.
„Има многу емоции. Ова навистина се случува. Не може да се опише возбудата“, рече друг.
За премиерот Нетанјаху ова е историски ден за кој многумина не верувале дека ќе се случи.
„Ова е историски настан за кој некои не веруваа дека ќе се случи. Но, нашите борци веруваа. И јас верував. Сè уште има многу големи безбедносни предизвици пред нас. Некои од нашите непријатели се обидуваат да се прегрупираат за повторно да нè нападнат. Убеден сум дека со заеднички сили ќе ги надминеме предизвиците и ќе ги реализираме можностите“, изјави Бенјамин Нетанјаху – премиер на Израел.
„Со враќањето на заложниците, ќе постигнеме една од клучните цели за кои започнавме војна – цел која претставува национална, морална и еврејска обврска“, изјави Ејал Замир – началник на Генералштабот на израелските одбранбени сили.
Според договорот, Хамас треба да ги предаде и посмртните останки на останатите 28-мина, а за возврат Израел ослободува речиси 2.000 палестински затвореници. Шефот на Белата куќа Трамп пред заминувањето на Блискиот Исток изјави дека војната во Газа е завршена. По обраќањето во Израелскиот Кнесет тој заминува во Египет на мировниот самит на кој претседава заедно со египетскиот колега за договорот за прекин на огнот меѓу Израел и Хамас.
„Ова е прв пат да се видат сите обединети. Знаете, одиме во Египет по Израел и ќе се сретнеме со сите лидери на многу моќните и големи земји. И сите се за овој договор, сите. Војната заврши“, изјави Доналд Трамп – претседател на САД.
На самитот во Египет учествуваат над 20 светски лидери.
Бојана Крстевски
