Израелските затвореници се вратија дома
Хамас ги ослободи сите живи израелски заложници согласно договорот за првата фаза од мировниот план на Трамп. Сите се пристигнати на израелско тло...

Хамас ги ослободи сите живи израелски заложници согласно договорот за првата фаза од мировниот план на Трамп. Сите се пристигнати на израелско тло. На плоштадот во Тел Авив силни емоции на радост и среќа.
„Многу, многу сум среќен, ми олесна. Мислам дека тоа може да се види низ целиот плоштад. Израелскиот народ е среќен. Ова е многу посебно утро и можеби утро кое ќе промени многу од тоа како се навикнавме да живееме во оваа земја“, изјави Гили Роман, брат на ослободениот заложник Јарден Роман Гет.
„Поминавме низ две многу тешки години, многу болни, ги поминавме заедно со нивното семејство, навистина тежок период. Сега само чекаме да го видиме, нашиот Елкана“, рече Шломи Менаше, пријател на заложникот Елкана Бохбот.
Според договорот, Хамас ги предава и посмртните останки на останатите 28-мина, а за возврат Израел ослободува речиси 2000 палестински затвореници и притвореници. Војната во Газа е завршена-изјави шефот на Белата куќа кој допатува на Блискиот Исток. По обраќањето во Израелскиот Кнесет, Трамп заминува за Египет на мировниот самит на кој претседава заедно со египетскиот колега за договорот за прекин на огнот меѓу Израел и Хамас.
„Ова е одличен ден, ова е целосно нов почеток, и мислам дека никогаш немало настан како овој – никогаш не сум видел нешто слично“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.
На самитот во Египет учествуваат над 20 светски лидери, сите собрани со иста цел-траен мир на Блискиот Исток. Следува втората фаза од мировниот план кој допрва треба да се спроведе.
„Ќе работиме со САД и со земјите од регионот-европски и арапски, на создавање рамка која ќе овозможи формирање на меѓународна стабилизациска сила, како и административна структура за Газа. Целта е да се создаде рамка што ќе им овозможи на Палестинците да учествуваат во управувањето со Газа, но и за создавање пат кон решението со две држави, што е единствената политичка перспектива што води кон траен мир“, нагласи Емануел Макрон, претседател на Франција.
За премиерот Нетанјаху ова е историски ден за кој многумина не верувале дека ќе се случи.
„Ова е историски настан за кој некои не веруваа дека ќе се случи. Но, нашите борци веруваа. И јас верував“, изјави Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.
Нетанјаху вели дека сè уште постојат големи безбедносни предизвици, дека непријателите се обидуваат да се прегрупираат, но е убеден дека со заеднички сили ќе ги надминат сите пречки.
Бојана Крстевски
