Трамп: Војната во Газа е завршена
Хамас ги ослободи сите живи заложници, се вратија меѓу своите. На плоштадот во Тел Авив, еуфорија и солзи радосници. Војната во Газа е завршена, рече американскиот претседател Трамп. Ослободени и речиси 2.000 палестински затвореници. Во Каиро самит со светски лидери…

Хамас ги ослободи сите живи израелски заложници согласно со договорот за првата фаза од мировниот план на Трамп.
„Многу, многу сум среќен, ми олесна“, вели Гили Роман, брат на ослободениот заложник Јарден Роман Гет.
„Верувам дека Американците се тие што стојат зад целата работа. Мировниот договор не беше склучен поради Нетанјаху. Неверојатно е да се видат како се враќаат дома.“
„Трамп ја заврши поголемиот дел од работата за да ги врати дома, а и јас сум Американец, па затоа сум горд што сум еден од нив денес.“
Според договорот, Хамас ги предава и посмртните останки на преостанатите 28-мина, а за возврат Израел ослободува речиси 2.000 палестински затвореници и притвореници.
„Не можам да ги опишам моите чувства. Среќен сум, многу среќен. Ги барам моите роднини и не знам дали знаат дека сум ослободен или не.“
„Тоа беше неописливо патување на страдање – глад, неправеден третман, угнетување, тортура и клетви – повеќе од се што можете да замислите“-велат дел од ослободените затвореници.
Војната во Газа е завршена-изјави шефот на Белата куќа. Трамп во Кнесетот пречекан со овации, но и дофрлувања од левичарски пратеници.
„Ова не е само крај на војна, ова е крај на ерата на терор и смрт, и почеток на ерата на вера и надеж, и на Бога. Тоа е неверојатен триумф за Израел и светот. Ова ќе се памети како моментот кога се почна да се менува кон подобро“, изјави американскиот претседател, Доналд Трамп.
„Вие, господине Претседателе, ќе бидете врежани во нашата историја. Колку долго чекавме на овој момент и сме посветени да ги вратиме сите. И би сакал лично да ви се заблагодарам, и во име на целата нација“, изјави Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.
Во Египет, мировен самит со кој претседава Трамп заедно со египетскиот колега за договорот за прекин на огнот меѓу Израел и Хамас. На самитот учествуваат над 20 светски лидери.
Маријана Димовска
