Местото на балканските народи е во ЕУ
На Балканскиот самит во Берлин се зацртани четиригодишните цели за остварување на стратегиските планови на зејите од регионот. На крајот од патот е членството во ЕУ. На коловозот има голем број на дупки што треба да се забиколат и препреки што треба да се избегнат.

Земјите од Балканот, домаќинот Германија и ЕУ како покровител усвоија декларација во чиј поднаслов се вели „2014-2018 четири години на вистински напредок“. Земјите учеснички се согласија да се сретнуваат секоја година и го прогласија овој самит за рамка за дополнителен напредок во реформскиот процес и во решавањето на сите отворени внатрешни и билатерални прашања. Германската влада недвосмислено потенцира дека секоја земја ќе стане членка на унијата ако ги исполни условите за пристапување.
Жената што ја предводи најмоќната нација во Европа и шефот на Европската комисија испратија силна порака до балканските народи дека сите имаат европска перспектива и оти местото на сите земји од југо-источна Европа е во Унијата.
„Сакаме овој процес да продолжи брзо, очигледно е дека се зависи од земјите како ќе го направат тоа. Но како што напоменавме, луѓето имаат големи очекувања и мораме да го поздравиме економскиот прогрес, намалувањето на невработеноста“, рече Ангела Меркел.
„Знам дека луѓето во регионот гледаат што се случува тука во Берлин и сакаат да знаат дали има перспектива за влез на нивната земја во ЕУ. Мојот одговор на овие забелешки е да, има. Сигуренсум дека овој состанок ќе помогне и ќе ги мотивира за тој момент“, рече претседателот на Европската комисија Жозе Мануел Баросо.
„Зборувавме и за потребата од содавање на добра бизнис клима, бидејќи економиите неможат да се движат напред само со инфраструктурни проекти. Економиите можат да се движат меѓудругото и со добра бизнис клима, а за добра бизнис клима една од клучните работи е владеење на правото“, рече премиерот Никола Груевски.
Понатаму, во декларацијата земјите потписнички се согласуваат на јакнење на демократските процеси, независното судство и синдикатот, плурализмот во медиумите. Уште една јасна и директна порака на Германците, во плуралните демократии опозицијата мора да биде во парламентот.
На самитот била спомената и единствената пречка за Македонија да ги почне преговорите за членство во Унијата, спорто за името.
„И овде во Берлин и во Брисел веќе имаат јасно формирана слика дека стоењето во место по однос на решавањето на оваа прашање во моментот најмногу доаѓа од причина што нашиот јужен сосед во моментот не е подготвен да разговара за изнаоѓање на решение заради други проблеми, коишто тие ги наведуваат. Но сепак, проблемот стои, проблемот ние најмногу го чувствуваме и од тој аспект се изрази надеж дека ќе се работи повеќе во наредниот период и дека и другата страна ќе биде поактивна да се разреши ова прашање“, рече претседателот на Владата, Никола Груевски.
Бројот на километри до целта е различен за секоја земја од регионот. Македонија цврсто го држи управувачот и има доволно гориво, треба само да се нагази педалата за гас.
Горан Петрески
