Блиски Исток

Ослободени сите 20 живи заложници од Газа

14.10.2025 08:43

Хамас ги ослободи сите живи израелски заложници согласно со договорот за првата фаза од мировниот план на Трамп. Посмртните останки на преостанатите ќе бидат вратени, за што е формиран посебен комитет за лоцирање...

По повеќе од две години војна во Газа, во Египет на мировен самит беше потпишан договорот за мир на Блискиот Исток. На церемонијата присуствуваа над 20 светски лидери, но не и израелскиот премиер.

Вчера по 738 денови во заробеништво, Хамас ги ослободи сите живи израелски заложници согласно со договорот за првата фаза од мировниот план на Трамп. Посмртните останки на преостанатите ќе бидат вратени, за што е формиран посебен комитет за лоцирање. За возврат Израел ослободи стотици палестински затвореници и притвореници, а хуманитарната помош почна да влегува во Газа.

„Ова е прекрасен ден за Блискиот Исток. Ова е ден за кој луѓето од регионот и од целиот свет работеа и се надеваа. Никој не веруваше дека ова може да се случи. Молитвите на милиони се услишани. Заложниците, како што знаете, беа пуштени на време, според распоредот. И продолжува понатамошната работа поврзана со, за жал, телата.Заедно го постигнавме она што сите го велеа дека е невозможно. Конечно, имаме мир на Блискиот Исток“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.

„Египет ќе соработува со САД и во координација со сите партнери во наредните денови, за да ги постави заедничките темели за продолжување на реконструкцијата на Појасот Газа без одложување. Мирот е целосен само кога се подадени раце за обнова по уништувањето. Имаме единствена, можеби последна, историска можност да постигнеме Блиски Исток ослободен од сите закани за неговата стабилност и напредок“, изјави Абдел Фатах ал-Сиси, претседател на Египет.

Се чека спроведувањето на преостанатите фази од договорот од 20 точки. Израел отфрли каква било улога во Газа за меѓународно поддржаната палестинска власт.