Русија продолжува со нападите врз Украина
Зеленски ги засили дипломатските напори особено по нападите врз енергетската инфраструктура. На средбата со шефицата за европска политика и безбедност, украинскиот претседател рече дека очекува силни одлуки од ЕУ и истакна дека веќе се постигнати неколку важни договори со поединечни лидери...

Русија продолжува со нападите врз Украина. Зеленски ги засили дипломатските напори особено по нападите врз енергетската инфраструктура. На средбата со шефицата за европска политика и безбедност, украинскиот претседател рече дека очекува силни одлуки од ЕУ и истакна дека веќе се постигнати неколку важни договори со поединечни лидери. Калас нагласи дека примарна задача е да се помогне на Украина да се одбрани, бидејќи тоа ќе спречи понатамошно оштетување на критичната инфраструктура. Зеленски ја потврди средбата со шефот на Белата Куќа неделава.
„Се надевам дека ќе имам можност за средба во Вашингтон в петок со претседателот Трамп и секако, имам уште неколку состаноци кои се исто така важни за мене, некои воени компании, не сакам да споделувам детали за тоа. А можеби и неколку средби со сенатори и конгресмени.Главните теми ќе бидат воздушната одбрана и нашите можности со долг дострел за притисок врз Русија“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.
„Иднината на Украина е во Европа. И тоа е многу јасно. Украина направи многу работа од своја страна, навистина да ги исполни условите. Работиме да го продолжиме со процесот на пристапување, за навистина да покажеме надеж за украинскиот народ“, изјави Каја Калас, висока претставничка на Европската Унија за надворешни работи и безбедносна политика.
Вчера Трамп се закани дека може да испрати ракети „Томахавк“ со долг дострел во Украина. Путин предупреди дека ваквиот потег би ги влошил односите со Вашингтон.
