Блиски Исток

Меѓународната заедница подготвена да помогне во стабилизацијата и обновата на Газа

14.10.2025 09:49

Светските лидери изразија подготвеност за обнова на Газа по војната и спроведување во целост на мирот на Блискиот Исток. Наредните денови се клучни за да се утврди кои држави се подготвени да испратат свои сили во безбедносна мисија и дали може да се создаде привремено управно тело во Газа. Вчера по две години во заробеништво, Хамас ги ослободи сите 20 живи заложници, телата на починатите се очекува допрва да бидат вратени. За возврат Израел ослободи две илјади палестински затвореници, а хуманитарната помош почна да влегува во Газа.

Меѓународната заедница изрази подготвеност за помош на повоените напори во Газа. По мировниот самит во Египет со присуство на 20 лидери, но без Израел, улогата на САД истакната како клучна за мирот на Блискиот Исток. Разоружувањето на Хамас, управувањето со Газа и целосното повлекување на Израел – сè уште треба да се преговараат, а главниот медијатор на мировните преговори ќе биде американскиот претседател Трамп.

„Ние, Обединетото Кралство можеме да играме улога во следењето на прекинот на огнот, но и во намалување на капацитетите на Хамас и нивното оружје. И навистина е важно да го задржиме тој фокус. Сега не смееме да правиме никакви погрешни чекори“, истакна Кир Стармер, премиер на Велика Британија.

Наредните денови се клучни за да се утврди кои држави се подготвени да испратат свои сили во безбедносна мисија и дали може да се создаде привремено управно тело во Газа. Израел отфрла каква било улога во Газа за меѓународно поддржаната палестинска власт. Се претпоставува дека обновата на Газа ќе трае со децении и ќе чини стотици милијарди долари.

„Во американскиот план постои совет за мир, два комитети, еден меѓународен и еден палестински, а покрај тоа, тука е и целата оваа работа што ја вршевме со недели, координирана од Јордан, но и со сите земји од Заливот, што ни овозможи да воспоставиме она што веќе е палестински комитет со процес на валидација за Израел. Притискаме овој комитет да се воспостави што е можно побрзо, за да може да отстапи место на палестинската власт“, изјави францускиот претседател, Емануел Макрон.

Во врска со втората фаза од преговорите за долгорочен мировен договор, Трамп рече дека САД и партнерите имаат моќ. На прашањето за иднината на мировниот процес, шефот на Белата Куќа верува оти е постигнато нешто што не се случило илјадници години, а секое дополнително одолговлекување би донело стотици илјади жртви.

„Зборуваме за обнова на Газа. Не зборувам за една држава или двојна држава или две држави. На многу луѓе им се допаѓа решението со една држава. На некои луѓе им се допаѓаат решенијата со две држави. Ќе мора да видиме“, рече американскиот претседател, Доналд Трамп.

Вчера по 738 денови во заробеништво, Хамас ги ослободи сите живи израелски заложници согласно со договорот за првата фаза од мировниот план на Трамп. Посмртните останки на преостанатите ќе бидат вратени, за што е формиран посебен комитет за лоцирање. За возврат Израел ослободи две илјади палестински затвореници и притвореници, а хуманитарната помош почна да влегува во Газа.

Маријана Димовска