Локални избори 2025

ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата на митинг во Велес

14.10.2025 16:13

Опозицијата нуди голи ветувања, црна кампања, клевети, не проекти, програма, кажа на митингот во Велес, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. Половина милијарда евра биле префрлени од државниот во локалните буџети за капитални инвестиции во општините. Кандидатот за градоначалник на Велес, Марко Колев порача дека продолжува посветено на изградбата на Велес …

Влегуваме во последната недела на изборната кампања а опозицијата не понуди проекти, програма, нивно финансирање, туку лаги, црна кампања, клевети, голи ветувања. Ниту план имаат ниту стратегија, само плукање. Таква политика граѓаните не сакаат. Кажа на митингот на ВМРО-ДПМНЕ одржан во Велес, лидерот на партијата Христијан Мицкоски. Тој му порача на претседателот на опозициската СДСМ Венко Филипче, дека без трошка срам излегувал пред граѓаните, како ништо да не било претходно. Луѓето се чуделе бидејќи се продавал како ново лице, а им бил познат кој е.

Лидерот Мицкоски, за потсетување за граѓаните, наброја кои се проекти, како Влада ги реализирале сега веќе изминатите 16 месеци. Токму од Велес на пензионерите им ветиле повисоки пензии со линеарно зголемување, кое од пет илјади денари, сега стигнало до седум илјади денари. Повисоки плати во здравството, образованието, зголемена капитација за приватните доктори, гинеколози, стоматолози. Од државниот буџет досега биле префрлени половина милијарда евра во локалните, за значајни капитални инвестиции. Тоа досега ниту една Влада во независна Македонија не го сторила, рече Мицкоски. Ланската 2024 година била со историско највисоко ниво на директни странски инвестиции од 1,25 милијарди евра, со што е на трето место во Европа, по инвестиција по глава на жител. Намален бил јавниот долг за 4,7 процентни поени, прв пат после седум години а опозицијата лажела дека Македонија актуелната власт ја презадолжила. Партијата ДУИ продолжувала со истата политика, да повикуваат на пушки, во 21 век, кога се зборува за вештачка интелигенција. Мицкоски претставувајќи го Марко Колев, нивниот кандидат за градоначалник, рече дека Велес на овие избори избира

Колев најави дека за сите негови проекти во следниот мандат има обезбедено финансиски средства. Меѓу другото ги наброи, изградба на нов мост кај Башино село, обиколница за Велес, завршување на изградбата на подземната катна гаража и изградба на плоштад во центарот, реконструкција на Градски парк, отворање на Дом за култура.

Петар Печков