Евроинтеграции

Фон дер Лајен утре во Скопје на средба со државниот врв

14.10.2025 10:42

Од Тирана, Фон дер Лајен повика да се искористи геополитичкиот моментум во проширувањето, но и можностите што ги нуди Планот за раст.

Претседателката на Европската комисија, Урсула Фон дер Лајен ја почна турнејата низ Западен Балкан. Ќе ја реафирмира поддршката на ЕУ за членство на земјите од регионот. Утре доаѓа во Скопје на средба со македонскиот државен врв.

Од Тирана, Фон дер Лајен повика да се искористи геополитичкиот моментум во проширувањето, но и можностите што ги нуди Планот за раст.

Вчера попладне во обраќањето на Инвестицискиот форум ЕУ-Западен Балкан што се одржува во Тирана, најави дека Европската Унија ќе отвори две „фабрики за вештачка интелигенција“ (центри за развој на вештачка интелигенција) во Западен Балкан, една во Македонија и една во Србија.

Ќе отвориме фабрики (центри) за вештачка интелигенција и за Западен Балкан. Ќе започнеме со две „антени“, една во Македонија и друга во Србија“, како дел од поширока иницијатива за вклучување на регионот во технолошкиот развој на Европа. Ова ќе им овозможи на компаниите во сите шест земји од Западен Балкан да се поврзат со овие фабрики. Ова значи дека вашите компании ќе можат да пристапат до европската инфраструктура за вештачка интелигенција токму тука во регионот, изјави Фон дер Лајен.

Утре во Скопје Фон дер Лајен ќе има средби со претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, премиерот Христијан Мицкоски и претседателот на Собранието, Африм Гаши.

Примарната цел на нејзината посета на регионот е Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан, како и иницијативите кои имаат за цел интегрирање на државите од регионот во единствениот пазар на Унијата.

Претседателката на ЕК денеска е во посета на Босна и Херцеговина, а ќе ги посети и Црна Гора, Србија и Косово.