Започна меѓународниот џез фестивал во Прилеп
Од синоќа Прилеп пулсира во ритмот на џезот. Почна третиот фестивал на кој ќе настапат домашни и странски џез-групи и солисти. Дел од нив за прв пат се во прилеп и во македонија, одушевени што овој вид квалитетна музика доживува дисперзија и во помалите средини.

Прилеп уште еднаш докажа дека е најфестивалскиот град во Македонија кој може да ги задоволи сите музички вкусови и уметнички критериуми. После Пиво фест, театарскиот фестивал Војдан Чернодрински, фестивалот за народни инструменти Пеце Атанасоски, карневалот Прочка, Прилеп овој викенд во трет пат го организираше Џез фестивалот. Публиката во градот е презадоволна што конечно може да се слушне нешто поразлично.
„Не радува што се организираат вакви фестивали и кај нас во помалите места, немора се да биде сконцентрирано во Скопје, вакви настани нас ни се потребни барем еднаш месечно“, рекоа посетителите.
Задоволни и учесниците кои годинава најголемиот дел се од странство.
„Не сум прв пат во Македонија, познавам многу џез музичари од тука, досега сум свирел со еден ваш бенд „Скопје конекшн“, учествував и на скопскиот џез фестивал, но во Прилеп сум прв пат, имате добра организација“, вели членот на бендот „Акустико“ од Италија.
Но сепак за да се зголеми музичката култура кај нас, и да започен повеќе да се слуша поинаков вид на музика за разлика од турбо фолкот, сите се согласуваат дека е потребна поголема кампања.
„Потребна е поголема кампања, организација, но и сопствениците на клубовите да создадат подобра атмосфера за младите бендови кои сакаат да се занимаваат со оваа музика кај нас“, велат посетителите.
Првата вечер помина во одлична атмосфера, имаше посетители и од другите градови, а ова е уште можност за туристичка промоција на градот.
„Прилеп полека прераснува во најфестивалскиот град во Македонија, со богата програма преку целата година“, рече Марјан Ристески, градоначалник на Прилеп.
Џез викендот во прилеп треба да трае до сабота кога се очекува да се случи и кулминацијата на овој настан, и кога треба да настапат „Next to silence“, Rambo Amadeus“, а вечерта треба да ја затворат „Disciplina kicme“.
Дарко Штаргоски
