Локални избори 2025

Митинг на СДСМ и коалицијата во Kочани

14.10.2025 15:57

Развој, просперитет и квалитетен живот за сите во Кочани вети градоначалничкиот кандидат на СДСМ и коалицијата. Доброто планирање на просторот и мобилноста се клуч за развој на општината каде ќе се живее без страв, без поделби и корупција. Лидерот на СДСМ порача дека никој што учествувал во градењето на системот нема право да се амнестира од трагедијата што се случи во Кочани.

Да го вратиме достоинството во Кочани, да го вратиме редот и правдата – повика кандидатот за градоначалник на СДСМ и коалицијата. Истакна дека последните четири години Кочани живееше во тешка сенка на корупцијата, неспособноста и неправдата и дека кулминацијата на оваа разузданост ја почувствувавме на 16 март, во колективната болка, тага и нарушена безбедност. Градоначалничкиот кандидат за Кочани на СДСМ и коалицијата, Игор Христов побара поддршка од кочанчани и вети дом за стари лица, катни гаражи, функционален градски пазар, чист воздух и вода, уредени улици и други инфраструктурни проекти. Програмата се темели на враќање на довербата на граѓаните во институциите, со отчетност и транспарентност на работата на локалната власт.

Акцентот во програмата на Христов е ставен на младите, за кои вети услови за локален развој, мали бизниси и дигитални вештини, а целта е Кочани повторно да биде најчист град, еколошка, економска и социјално одговорна заедница.

„Ја чувствувам болката на секој родител кој на 16 март го испрати детето на забава и не го дочека назад. Ова не е болка што се заборава, не е празнина што било кога ќе се пополни. Во пожарот изгоре иднината на овој град. Минатото не можеме да го смениме, но можеме да извлечеме поуки и да го смениме системот“, порача лидерот на СДСМ од изборниот митинг во Кочани, потенцирајќи дека власта не ги прифатила предлозите на СДСМ за настраданите во пожарот и дека ниту еден политичар не може да оди во Кочани со крената глава.

Лидерот на СДСМ посочи дека и покрај недостигот на политичка волја кај дел од лидерите, останува посветен на идејата за национално обединување околу европската интеграција на државата како и темелните реформи во судството и институциите. Повика на масовна излезност на денот на гласањето и поддршка на Игор Христов и советничката листа на СДСМ и коалицијата.

Славица Величковска