Русија продолжува со нападите врз Украина
Русија продолжува со нападите врз Украина. Зеленски очекува силни одлуки од ЕУ. Трамп се закани дека може да испрати ракети „Томахавк“ со долг дострел во Украина. Путин предупреди-ваквиот потег би ги влошил односите со Вашингтон.

Русија продолжува со нападите врз Украина. Над 30 илјади корисници останаа без струја во Харков. Погодена помошна зграда до медицинска установа, во која имало повеќе од сто пациенти. Според градоначалникот на Харков, нападот е уште еден намерен удар врз цивилната инфраструктура на градот.
„Повеќе од 200 прозорци беа искршени. Далноводите беа оштетени, а неколку области на Харков се без електрична енергија“, изјави Игор Терехов – градоначалник на Харков.
„Лежев, гледав во телефонот, кога одеднаш експлодираше – прозорецот се скрши и се стрчав од креветот кон излезот“, изјави Олександр Куц – повредено лице.
„Експлозијата беше многугласна. Вратите се отворија, а прозорецот се распрсна. Имав среќа што не бев повредена. Беше застрашувачки“, рече Наталија Никитјук – пациентка во болница.
Зеленски ги засили дипломатските напори особено по нападите врз енергетската инфраструктура. На средбата со шефицата за европска политика и безбедност, украинскиот претседател рече дека очекува силни одлуки од ЕУ и истакна дека веќе се постигнати неколку важни договори со поединечни лидери. Калас нагласи дека примарна задача е да се помогне на Украина да се одбрани, бидејќи тоа ќе спречи понатамошно оштетување на критичната инфраструктура.
„Се надевам дека ќе имам можност за средба во Вашингтон во петок со претседателот Трамп и секако, имам уште неколку состаноци кои се исто така важни за мене, некои воени компании, не сакам да споделувам детали за тоа. А можеби и неколку средби со сенатори и конгресмени. Главните теми ќе бидат воздушната одбрана и нашите можности со долг дострел за притисок врз Русија“, изјави Володимир Зеленски -претседател на Украина.
Трамп се закани дека може да испрати ракети „Томахавк“ со долг дострел во Украина. Путин предупреди дека ваквиот потег би ги влошил односите со Вашингтон.
Катерина Бојаџиева
