Ивановски: Започнуваме проект за целосна реконструкција на Железничката станица во Скопје
Еден од симболите на Скопје, Железничката станица, градена според проект на јапонскиот архитект Кензо Танге, повеќе нема да биде како рекламно пано, туку модерна со европски лик-изјави директорот на Македонски железници, најавувајќи го проектот за целосна реконструкција на железничката станица …

Со зачувување на автентичниот изглед, почнува проектирањето за целосна реконструкција на Железничката станица во Скопје. Активностите ќе ги спроведе „Македонски железници – Инфраструктура“ во соработка со Градежниот и Архитектонскиот факултет.
Според директорот Синиша Ивановски, се очекува најмалку една година да се изработува проект, по што ќе следуваат обезбедување финансии и градежни работи. Треба да заврши за пет-шест години, во истовреме со пуштањето на брзата пруга на Коридорот 10 и железничкиот крак до Меѓународниот аеродром Скопје.
Деканот на Градежниот факултет, Јосиф Јосифовски посочи дека овој долго задоцнет проект ќе има почеток и оти нивна задача ќе биде на железничкиот Коридор 10 да направат целосна реконструкција и рехабилитација на елементите на пругата, како санирање и јакнење на мостовски конструкции, на свлечишта, потпорни ѕидови.
Деканката на Архитектонски факултет, Анета Христова-Поповска истакна дека ќе има многу работа, а прво ќе се прави документирање и анализа на оригиналната документација.
Железничката станица во Скопје е пуштена во употреба во јули 1981 година.
Борис Грујоски
