Војната во Украина на врвот на агендата на состанокот во Брисел
Војната во Украина и руската закана, високо на агендата на состанокот на министрите за одбрана на НАТО и ЕУ во Брисел. Ова е прв состанок откако алијансата ја почна мисијата за заштита на воздушниот простор на источните членки по серијата нарушувања. Американскиот претседател Трамп в петок во Белата куќа ќе биде домаќин на украинскиот колега, Зеленски. Главна тема, можноста САД да ја снабдат Украина со ракети „Томахавк“...

Заканата од Русија, воените трошоци, развојот на европските одбранбени капацитети и поддршката за Украина, главна тема на состанокот на министрите за одбрана на НАТО и ЕУ во Брисел. Ова е прв состанок откако алијансата ја почна мисијата за заштита на воздушниот простор на источните членки по серијата нарушувања изминатиот период.
„Кога станува збор за беспилотните летала, очигледно, учиме од Украина. Се грижиме што е можно поскоро да ги имплементираме најновите технологии. Ова не е ново, секогаш мора да се прилагодуваме. Важно е да се осигураме дека ја продолжуваме поддршка за Украина. Горд сум што како алијанса подготвени сме да го сториме тоа, да се осигураме дека Украина е силна во борбата“, изјави Марк Руте, генерален секретар на НАТО.
„Путин не треба да се сомнева. Доколку НАТО е загрозен, ние ќе дејствуваме и мора да одговориме на неговата ескалација со нашата сила. Велика Британија ќе ја продолжи нашата посветеност на мисијата на НАТО, што значи дека британските авиони ќе продолжат да летаат над Полска до крајот на годината“, изјави Џон Хили, министер за одбрана на Велика Британија.
Американскиот претседател го повтори разочарувањето од рускиот колега Путин и истакна дека мора да ја реши војната. Пред средбата со Зеленски в петок во Белата куќа Трамп рече дека на врвот од агендата е можноста САД да ја снабдат Украина со ракети „Томахавк“.
„Видете, многу сум разочаран, бидејќи Владимир и јас имавме многу добри односи. Веројатно сè уште имаме. Не знам зошто продолжува со оваа војна. Оваа војна беше толку лоша за него. Тој влегува во четири години војна која требаше да биде завршена – требаше да ја добие таа војна за една недела. Изгуби милион и пол војници“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.
Зеленски вели дека заедно со партнерите имаат визија за крај на војната.
„Имаме јасна визија за тоа како чекорите на Америка, на Европа, нашите други партнери, можат да го доближат крајот на војната. Лидерството на Америка е важно – лидерството на претседателот Трамп. Секако, нашата клучна задача е воздушната одбрана и отпорноста на нашите градови и заедници, како и принудувајќи ја Русија на мир“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.
На фронтот и натаму активни борби. Украинскиот енергетски оператор воведува рестрикции на струја во најмалку осум области, вклучително и Киев поради штетите предизвикани на инфраструктурата од руските напади.
Маријана Димовска
