Локални избори 2025

Итно затворање на струшката депонија, најави кандидатката за советник од „Левица“ за општина Струга

15.10.2025 16:49

Струшката депонија е Чернобил, вели кандидатката за советник на општина Струга, Елизабета Пинтоска од „Левица“. Тие ветуваат решавање на проблемот со дивата депонија која ги гуши стружани...

Струшката депонија е Чернобил, вели кандидатката за советник на општина Струга, Елизабета Пинтоска од „Левица“. Тие ветуваат решавање на проблемот со дивата депонија која ги гуши стружани.

Итно затворање на струшката депонија, најави кандидатката за советник од редовите на „Левица“ за општина Струга, Елизабета Пинтоска. Таа реагира на дивата депонија којашто се наоѓа во струшкото поле на само 500 метри од куќите и во непосредна близина на Црн Дрим.

„Колку уште ќе молчиме? Колку уште ќе чекаме некој надлежен да се сети дека струшката депонија со децении не труе и убива? Секој што живее во овој град знае – Струга се гуши во ѓубре. Но вистинското ѓубре не е само на депонијата. Вистинското ѓубре е во системот што ја дозволи, што ја игнорира, и што ја толерира. Ова што го гледаме таму – тоа не е депонија. Тоа е отворена рана. Тоа е екоцид. Тоа е струшкиот Чернобил. И тоа е политички криминал! И сето ова е резултат на бипартизмот кој системски убива со криминал и корупција, вели Пинтоска.

Ветува изградба на капацитети за механичка обработка на градежниот шут во репроматеријал, селектирање на пластика и извоз во земји кои ќе може да се справат со тој отпад на најбезболен начин.

Како кандидат за советник ќе се борам за: итно затворање на постојната дива депонија, расчистување со криминалот и одговорност за системското труење на стружани и еколошки и одржливи решенија за реупотреба на отпадот што значи компостари за биоотпад од затворен тип во секое маало што ќе бидат достапни за секое домаќинство (60% до 80% од вкупниот комунален отпад во Македонија е органски односно биоотпад и истиот може да биде реупотребен.

Во своето обраќање Пинтоска вели, Левица изникна од револтот кон овој гнил систем и покажа дека борбата не е залудна.

Соња Рилковска