Украина

Војната во Украина и руската закана, високо на агендата на состанокот на министрите за одбрана во Брисел

15.10.2025 15:04

Војната во Украина и руската закана, високо на агендата на состанокот на министрите за одбрана на НАТО и ЕУ во Брисел. Алијансата се состанува за првпат откако ја почна мисијата за заштита на воздушниот простор на источните членки по серијата нарушувања. Американскиот претседател Трамп в петок ќе биде домаќин на украинскиот колега, Зеленски. Главна тема, можноста САД да ја снабдат Украина со ракети „томахавк“...

Заканата од Русија, воените трошоци, европските одбранбени капацитети и поддршката за Украина, теми на состанокот на Министрите за одбрана на НАТО и ЕУ во Брисел. Сојузниците соработуваат, и покрај руските обиди за поделба, став на генералниот секретар Руте.

„НАТО продолжува да и помага на Украина да се одбрани. Ова ја вклучува најновата иницијатива која веќе насочи две милијарди долари американска опрема платени од сојузниците. Нашата поддршка врши притисок врз Путин денес, и поддршката на Украина да ги зајакне сопствените капацитети на долг рок ќе помогне да се одврати каква било руска агресија во иднина, а ова јасно придонесува и за нашата сопствена безбедност“, изјави Марк Руте, генерален секретар на НАТО.

Ова е прв состанок откако алијансата ја почна мисијата за заштита на воздушниот простор на источните членки по серијата нарушувања изминатиот период. Се работи на формирање „ѕид против беспилотни летала“, за кој повеќето земји се согласни дека е повеќе од потребен.

„Путин не треба да се сомнева. Доколку НАТО е загрозен, ние ќе дејствуваме и мора да одговориме на неговата ескалација со нашата сила“, изјави Џон Хили, министер за одбрана на Велика Британија.

Секретарот за војна на САД вели состанокот во Хаг во јуни придонел за засилување на сојузниците со зголемувањето на трошоците за одбрана од пет насто од БДП.

„Ако има нешто што научивме од претседателот Трамп, тоа е активната примена на мирот преку сила. Добивате мир кога сте силни, а не кога користите силни зборови. Го добивате кога имате силни и реални способности што противниците ги почитуваат“, изјави Пит Хегсет, секретар за војна на САД.

Американскиот претседател го повтори разочарувањето од рускиот колега Путин. Пред средбата со Зеленски в петок во Белата куќа Трамп рече дека на врвот од агендата е можноста САД да ја снабдат Украина со ракети „Томахавк“.

„Видете, многу сум разочаран, бидејќи Владимир и јас имавме многу добри односи. Веројатно сè уште имаме. Не знам зошто продолжува со оваа војна. Оваа војна беше толку лоша за него“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.

На фронтот и натаму активни борби. Рестрикции во снабдувањето со електрична енергија во најмалку осум области, вклучително и Киев поради штетите предизвикани на инфраструктурата од руските напади.

 

Маријана Димовска