Економија

Николоски: Преку 9 милиони евра подршка од Владата за Гостивар за реконструкција

15.10.2025 15:29

Од Владата имаме директна поддршка за општина Гостивар од некаде 540 милиони денари или над 9 милиони евра за улици во општината во рамки на двата повици, истакна потпретседателот на Владата...

Од Владата имаме директна поддршка за општина Гостивар од некаде 540 милиони денари или над 9 милиони евра за улици во општината во рамки на двата повици, истакна потпретседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски денеска од Гостивар.

Тој заедно со министерот за здравство Азир Алиу извршија увид во инфраструктурни проекти што се реализираат со поддршка на Владата.

„Драго ми е што проектот за поддршка на локалната самоуправа се одвива одлично и драго ми е што можам да кажам дека имаме сериозна поддршка за општина Гостивар. Имено во првиот повик кој се реализираше минатата година, вкупната поддршка е 160 милиони денари за транспорт, дел од таа поддршка е и оваа улица Мара Угринова која дел е завршена, дел се работи. Исто така во вториот повик имаме 39 улици или поддршка од 380 милиони денари или заедно имаме поддршка од некаде 540 милиони денари или над 9 милиони евра, директна поддршка за општина Гостивар. Дополнително сакам да најавам дека по завршување на локалните избори и извесната победа на кандидатот од ВЛЕН-нашиот коалициски партнер, за општина Гостивар ќе има специјална програма која ќе оди преку Министерството за транспорт за реализација на проекти кои се подготвени веднаш да ги реализираме“-изјави вицепремиерот Николоски.